Зеленски во Саудиска Арабија, пред разговорите меѓу САД и Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володомир Зеленски (комбо фотографија)

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска (10 март) отпатува за Ријад за да се сретне со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.

Патувањето на Зеленски доаѓа еден ден пред историските разговори меѓу украинската и американската делегација во саудискиот град Џеда, со цел да се стави крај на тригодишната војна на Русија против Украина.

Соединетите Држави (САД), клучен воен поддржувач на Киев, бараат брз крај на конфликтот, одржувајќи директни разговори со Москва, истовремено суспендирајќи ја воената помош и размената на разузнавачки информации со Украина.

Американско-украинските разговори на 11 март ќе бидат прва формална средба по кавгата во Овалната соба меѓу Зеленски, американскиот претседател Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на 28 февруари, во која украинскиот претседател беше јавно критикуван и од него беше побарано да ја напушти Белата куќа.

Зеленски рече дека нема да биде дел од американско-украинските разговори во Џеда.

Видете и ова: Анализа: Четири заклучоци од катастрофата во Овалната соба

Во делегацијата од Киев ќе бидат и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, началникот на кабинетот на Зеленски Андриј Јермак и министерот за одбрана Рустем Умеров. Тие ќе се сретнат со американска делегација во која се очекува да бидат и пратеникот на Трамп за Блискиот Исток Стив Виткоф, државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц. Рубио отпатува за Саудиска Арабија доцна на 9-ти март.

„Од наша страна, ние сме целосно посветени на конструктивен дијалог и се надеваме дека ќе разговараме и ќе се договориме за неопходните одлуки и чекори. Реални предлози се на маса. Клучот е да се дејствува брзо и ефикасно“, напиша Зеленски во објавата на 9 март на X.

Киев најверојатно ќе предложи мировен план кој го најави Зеленски, а кој вклучува воздушен и поморски прекин на огнот како прв чекор.

Зеленски е под силен притисок од Вашингтон брзо да се договори за прекин на огнот со Русија, и покрај тоа што нема ветување за американска безбедносна гаранција. Но, досега Москва не покажа интерес за прекин на непријателствата.

Русија ги засили нападите врз својот сосед и објави придобивки на бојното поле во последните денови.

Видете и ова: Засилени руски напади пред разговорите на САД и Украина во Ријад

На 9 март, Трамп посочи дека Украина можеби нема да може да преживее војна против Русија дури и со поддршка на САД. Во интервју за Фокс њуз, Трамп ја бранеше својата одлука да ја намали поддршката за Украина, велејќи: „Па, можеби нема да преживеат“.

Трамп, исто така, го повтори своето тврдење дека Зеленски „не е благодарен“ за американската поддршка, но го опиша украинскиот претседател како „паметен“ и „тврд“.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана најави повторно заземање на неколку села и градови во нејзината област Курск, како и нови населби во источна Украина.