Цените на производите во маркетите и денеска ги „скараа“ власта и опозицијата.
Од опозициската СДСМ објавија дека направиле контрола на цените низ маркетите и дошле до поразителен заклучок. Лолита Ристова, членка на Извршниот одбор на СДСМ на прес конференција реагираше дека наместо намалување, има покачување на цените.
„Нема ниту има робусна ниту жестока контрола како што вчера изјави премиерот Мицкоски. Тоа е една голема лага“, рече Ристова.
Според неа, јајцата чија цена се движела од 75 до 85 денари, сега чинат околу сто денари.
„Јогуртот со 3,2% масленост е 72 денари и нагоре. Млекото е исто така поскапено и се движи од 70 до 80 денари. Сирењето е поскапено и се продава од 440 до 650 денари“, рече Ристова.
Како што посочи, кашкавалот станува луксуз и речиси и да не може да се најде по цена пониска од 600 денари, а во меѓувреме, според неа, поскапен е и шеќерот.
Видете и ова: Mинимална плата: Засега e извесно само зголемувањето од 1.800 денари„И останатите производи се поскапени, грашокот, гравот леќата, сè е поскапено. Додека народот се мачи со високите цени и недоволните плати како да врзат крај со крај, како да го поминат месецот, што ќе имаат на масата семејствата за јадење, Мицкоски и неговата влада се хранат со луксузни храни на грбот на истиот тој народ“, додаде Ристова.
По нејзината прес конференција, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа со писмено соопштение. Според владеачката партија, опозицијата „лажно се бори за граѓаните“.
Во партиското соопштение се споменува и вчерашниот марш кој СДСМ го организираше по повод Меѓународниот ден на жената.
„На СДС им текнало да одат по маркети. Тоа го зборуваат и прават луѓе кои за партиска журка наречена како манифестација за Ден на жената трошат околу 100 илјади евра“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.