Курти: Имаме докази за директно мешање на Србија во изборите

Албин Курти, 9 февруари 2025

Косовскиот премиер, Албин Курти ја обвини Србија за директна вмешаност во парламентарните избори на Косово на 9 февруари и за влијание на изборите на српските пратеници и пратеници од другите малцинства.

„Српскиот државен апарат вложил исклучителни напори за да нанесат штета на ривалските српски ентитети, особено на Партијата за слобода, правда и опстанок и Српската демократска партија, како и на гласачите од ентитетите од други заедници, главно Роми и Ашкали", изјави Курти на 9 март.

Партијата за слобода, правда и опстанок ја предводи Ненад Рашиќ, кој е министер во владата на Курти, именуван по смената на водечката српска партија со поддршка на Белград, Српска листа, од косовските институции.

Говорејќи со Курти на конференција во Приштина, Рашиќ рече властите на Србија ги користат косовските Срби како механизам на владеење, но исто така и како елемент на деструктивност.

„Не сакаат да имаме целосна интеграција и хармоничен живот на Косово, туку сосема спротивното“, изјави Рашиќ.

Видете и ова: Американско Министерство за одбрана: не се планирани промени кај трупите во Косово

Одредени претставници на скоро сите останати српски политички субјекти се повлекоа од трката по заканите кои ги добија – наведе Курти. Тој рече дека вакви случаи се забележани во четири општини со српско мнозинство во северниот дел на Косово, но и во останатите шест општини на југот на земјата.

„За повеќето од овие случаи нашите институции имаат докази кои заради приватноста и сигурноста на граѓаните на Србија, не е корисно да се изнесат во јавноста“, рече Курти.

Набљудувачката мисија на ЕУ во претставувањњто на своите прелиминарни наоди за изборите одржани на 9 февруари, истакна дека Србија се вмешала во изборите со вршење притисок врз српските гласачи во Косово.

Германија, исто така, ја обвини Србија за мешање во изборите во Косово.

Според Централната изборна комисија на Косово, Српската листа - која ужива поддршка од официјален Белград - доби над 38.000 гласови, додека партијата на Рашиќ доби околу 4.000 гласови.

Уставот на Косово ѝ гарантира на српската заедница 10 од 120 места во Собранието и 10 други немнозински заедници.

Видете и ова: Калас: Ќе се обидеме да го направиме функционален дијалогот меѓу Косово и Србија

Марта Темидо, шефица на делегацијата на членовите на Европскиот парламент, на крајот на февруари изјави дека набљудувачката мисија утврдила дека српските власти се мешале во изборите во Косово со поддршка на Српската листа - една од шесте српски партии кои учествуваа на изборите.

Курти ја обвинл Србија за хибридна интервенција, преку финансиска мамка и услови, уцена, заплашување и закани за да ги принуди гласачите да гласаат за Српската листа. Тој нагласи дека косовските власти „идентификувале седум државни актери. Првиот е претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вториот е главниот терорист Милан Радоичиќ, шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, Српската разузнавачка агенција (БИА), српските медиуми под контрола на Владата, Српска листа и нелегални српски структури".

„Претседателот на Србија самиот ги повика сите српски државни и недржавни актери да се вклучат во изборите во Косово. За таа цел, главниот терорист Милан Радоичиќ имаше извршна улога", рече Курти.

Премиерот Курти изјави дека Србија користела „најмалку 10 методи" за да се вмеша во изборите, како што се финансиска мамка преку обезбедување на месечна исплата од околу 170 евра за сите полнолетни лица, закани за губење на финансиски придобивки, поделби меѓу ривалите на Српската листа, уцена и притисок да не се поддржат други ентитети освен Српската листа, меѓу другото.

Неколку дена пред денот на изборите, еден од српските кандидати во изјава за Радио Слободна Европа рече дека ја загубил својата работа откако зборувал против Српската листа. Тој изјави дека членот на привремената општинска влада во Србица, Небојша С. Томашевиќ, на 27 јануари му рекол дека „ќе се погрижи повеќе да не прима плата од буџетот на Србија, бидејќи е предавник".

На 7 март, Српска листа тврдеше дека Партијата на Рашиќ за слобода, правда и опстанок обезбедила мандат во Собранието на Косово „благодарение на" гласовите на Албанците во места како што се Подуево, Штимље, Сува Река, Урошевац, Малишево и Качаник.

Во изјава за Радио Слободна Европа, Рашиќ рече дека во изминатите две години тој бил министер за заедници и враќање во Владата на Косово и дека со својата работа ја стекнал довербата на другите немнозински заедници кои живеат во Косово, а не само на српската заедница.

Видете и ова: НАТО е подготвен да соработува со новата косовска влада, вели Руте

Српскиот претседател Вучиќ по изборите во Косово на 9 февруари изјави дека Српска листа означила „голема и важна победа за Србија, покажувајќи ја силната посветеност на српскиот народ да ја зачува својата татковина и да се потпира на својата Србија".

Од своето основање во 2013 година, Српска листа има освоено повеќе од 90 проценти од гласовите на српската заедница на сите избори на кои учествувала, но набљудувачката мисија на ЕУ укажуваше на „монополот и притисокот" на нејзините функционери.

Во изминатите две години, партијата водеше "политика на бојкот", во согласност со нејзината одлука да се повлече од косовските институции на север.

Се’ уште не е јасно дали во наредниот период активно ќе учествува во косовските институции или ќе продолжи со бојкотот.