Мицкоски за паркингот на Клинички: Ако јавноста не сака, нема да го потпишеме договорот

Клинички центар „Мајка Тереза“ - Скопје, архива

Одлука на Влада нема, договор не е потпишан, ако јавноста вели не сакаме, нема да го потпишеме. Ова го изјави денеска (8 март) премиерот, Христијан Мицкоски при посетата на Свети Николе, прашан за најавите дека албанска компанија ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје.

„Одлука се носи врз основа на физибилити-студија, физибилити-студија така кажала. Второ, распишан е оглас, се јавила само една компанија иако критериумите се прилично широки. Трето: ништо не е потпишано, ништо не е завршено. Ја слушаме ние јавноста. Јавноста е незадоволна. Од сето ова што претходно го кажав се е според закон, тоа не значи дека ќе потпишеме договор“, рече Мицкоски.

Премиерот се повика на физибилити студијата изработена од претходната влада според која паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ треба да биде менаџиран од приватен оператор. Ги повика Градски паркинг Скопје да направат ред бидејќи Клиничкиот центар не функционира, како што кажа, во нормални услови.

„Таму стопанисува Градски паркинг - Скопје, еве тие нека направат ред, немаме ние против, само нека се реши гужвата и тие од Свети Николе кога ќе дојдат да имаат пристојни услови нормално да функционираат и нормално да функционира Клиничкиот цернтар. Физибилити студијата од претходната влада самата така вели“, смета Мицкоски.

Слична изјава вчера даде и министерот за здравство, Арбен Таравари кој рече дека доколку на јавноста не ѝ се допаѓа понудата и има укажувања од Владата за пропусти, тендерот ќе се поништи.

Видете и ова: Таравари: Ако јавноста е против и има пропусти, ќе го поништиме тендерот за паркингот на Клинички

„Договорот не е потпишан. Паркингот на Клиничкиот центар секогаш прави многу нервоза. Ако за понудата, еве слушам, секогаш многу ми значи јавноста што ќе каже, ако ми кажат дека нешто не е во ред, пуштено е и во Влада, ако и таму ми кажат дека има одредени пропусти, нема да имаме ништо. Ќе го поништиме, ќе објавиме нов, но само ќе изгубиме една година“, одговори Таравари на новинарско прашање при вчерашната посета на Клиниката за инфективни болести.

Министерот смета дека понудената цена е добра.

„Најдобро е да биде нула денари, но ако најдете таков понудувач што ќе обезбеди плус 600 денари и нема да наплаќа ништо би било идеално. Во Скопје има места со 100, 150 денари за паркинг, така што мислам дека 50 денари е пристојна и не е некоја многу висока цена“, рече Таравари.

Реакција од опозицијата

По неговата изјава, опозициската СДСМ реагираше преку писмено соопштение во кое обвини дека зад договорот за паркингот на Клиничкиот центар „стои криминален интерес“.

„Граѓаните ќе плаќаат 50 денари на час за да одат на лекар, наместо 30 како досега. Пациентите немаат избор, тие мораат да дојдат во Клиничкиот центар и владата ги уценува со високи цени”, истакнаа од СДСМ.

Според опозицијата, компаниите се воздржале од учество во тендерот за паркингот, бидејќи „се сомневаат во иднината на Клиничкиот центар“.

„Само пред еден месец, директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, изјави дека изградбата на нов Клинички центар е стопирана поради демографски причини. Па што е вистината?“ – се додава во соопштението од опозицијата.

Медиумите претходно објавија дека приватниот оператор од Албанија „Ѓока Констракшн“ е единствена компанија која се јавила на повикот за јавно-приватно партнерство. Ако го добие договорот, ќе биде обврзана да инвестира во катни гаражи, но ќе може да наплаќа паркирање по цена од 50 наместо 30 денари од час, а за возврат на државата ќе треба да ѝ префрли само 1 отсто од годишните приходи.