Рубио: Дејствата на Додик ја загрозуваат безбедноста на БиХ

Марко Рубио, архивска фотографија

Американскиот државен секретар, Марко Рубио изјави дека „дејствата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик ги поткопуваат институциите на Босна и Херцеговина и ја загрозуваат нејзината безбедност и стабилност“.


„Нашата влада ги повикува политичките лидери во Босна и Херцеговина да се вклучат во конструктивен и одговорен дијалог. Ги повикуваме нашите партнери во регионот да ни се придружат во спротивставувањето на ова опасно и дестабилизирачко однесување“, напиша Рубио на социјалната мрежа Икс (X).

Видете и ова: Во РС усвоен закон со кој се забранува работењето на Судот и Обвинителството на БиХ

Американскиот државен секретар реагираше на последните изјави на претседателот на Република Српска, Милорад Додик кој на 5 март потпиша декрети за прогласување на неуставни закони усвоени од страна на Народното собрание на Република Српска со кои се забранувааат активностите на Судот и Обвинителството на БиХ, Агенцијата за истрага и заштита - СИПА БиХ и Високиот судски и обвинителски совет на БиХ.

На 7 март, Уставниот суд на Босна и Херцеговина издаде привремена мерка и ја прекина примената на овие закони.