„Нека јадат ружи“ – е слоганот под кој Платформата за родова еднаквост денеска организира марш во Скопје по повод Денот на жената.
Организаторот повикува на женски марш и на солидарен женски бојкот за да се одбележи Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените.
-Што ќе ни се ружи кога немаме за леб? Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите. А во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената - велат од Платформата за родова еднаквост.
Оттаму ги повикуваат жените денеска да ги бојкотираат и големите маркети, ланци и трговските центри бидејќи, но повикуваат и на бојкот на домашните обврски.
Видете и ова: Над 60 отсто судии и обвинители се жени, но тешко напредуваат-За да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 март ги повикуваме жените на бојкот на домашните обврски. Сите заедно ќе му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и ќе ги сопреме неговите запчаници, барем на еден ден - велат организаторите.
Маршот ќе почне во 13 часот пред Универзална сала и ќе заврши во паркот „Жена борец“ со завршни обраќања до јавноста и институциите.
Поради маршот, полицијата соопшти дека ќе има и посебен сообраќаен режим во главниот град.
Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.