Романскиот десничарски кандидат Калин Георгеску поднесе кандидатура за повторените претседателски избори

Калин Горгеску

Калин Горгеску, кандидат на крајната десница, ја поднесе својата кандидатура за повторените претседателски избори во Романија, кои ќе се одржат во мај.

Горгеску ја поднесе својата кандидатура до изборната комисија, задолжителен чекор пред повторените избори, додека неколку стотици негови поддржувачи вееја знамиња и го скандираа неговото име.

„Заедно ја прифаќаме администрацијата на Трамп и Венс поради нашите заеднички вредности – мир, демократија и слобода“, им рече Горгеску на новинарите, предупредувајќи дека обидот да се блокира неговата кандидатура нема да успее.

Тој денеска претходно најави дека до Централната изборна комисија ќе ја достави својата кандидатура за претстојните претседателски избори закажани за 4 мај.

Видете и ова: Како Тик-Ток му помогна на романскиот десничар да стигне до вториот круг од изборите?

„Официјално ќе се пријавам за учество на новите избори. Иако не се откажувам од идејата да се продолжи со вториот круг. Слушнав дека сакаат да ме блокираат. Се разбира, тоа би било спротивно на волјата на романскиот народ и сигурно ќе им нанесе силен удар на демократските вредности, а да не зборуваме за нивното уништување“, рече Горгеску на телевизијата Реалитатеа плус.

Претходно, романскиот портал Диги 24, повикувајќи се на Фајненшл тајмс, јави дека и покрај притисокот и од САД и од Русија, кандидатурата на Горгеску може да биде одбиена поради кривична истрага.

Обвиненијата против него вклучуваат тешки кривични дела, како што е обид за поткопување на уставниот поредок со помош на фашистички групи, за што е предвидена затворска казна од над 10 години.

На 26 февруари, тој беше обвинет за шест кривични дела, вклучително и ширење лажни информации, како дел од истрагата за незаконско финансирање на неговата изборна кампања во есента 2024 година.

Претседателските избори во Романија се одржаа на 24 ноември минатата година. На 6 декември Уставниот суд ги поништи изборните резултати поради „утврдени нерегуларности“.