Русија ги поддржува властите во Србија и Република Српска, изјави Вучиќ по разговорот со Путин

Александар Вучиќ - претседател на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ја поддржува легитимно избраната влада во Србија и дека Москва секогаш го поддржувала Дејтонскиот мировен договор и босанскиот ентитет Република Српска.

По телефонскиот разговор со Путин на 7 март, Вучиќ изјави дека со рускиот претседател разговарал за сите важни прашања, вклучувајќи го и постигнувањето нов договор за гас и прашањето за американските санкции за нафтената индустрија на Србија, како и дека е потврдена претстојната средба на 9 мај во Москва.

Во видео-обраќање на својот Инстаграм профил, Вучиќ рече дека разговарал со Путин за „обид за обоена револуција во Србија“.

„Му се заблагодарив за фактот што руските функционери не ја поддржуваат обоената револуција и претседателот Путин имаше многу јасен став за ова прашање. Русија разбира и добро гледа што се случува и ќе продолжи да ги поддржува легално и легитимно избраните власти во Србија“, рече Вучиќ.

Видете и ова: Вучиќ смета дека паѓа поддршката за протестите низ Србија

Тој изјави дека со Путин разговарал и за ситуацијата во регионот и ја пренел пораката од претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

„Претседателот Путин на обидите и потезите на високиот претставник во БиХ гледа само со една цел, а тоа е соборување на Милорад Додик. Руската Федерација отсекогаш го поддржувала и Дејтонскиот мировен договор и Република Српска“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека со рускиот претседател разговарале и како да се реши проблемот со Нафтената индустрија на Србија, со оглед на американските санкции за таа компанија.

Вучиќ не наведе детали, наведувајќи дека тој и Путин разговарале и како Србија би можела да склучи нов договор за гас со Русија пред 31 мај.

Претседателот на Србија рече дека темите што се обработуваат се и политичка и економска соработка, оценувајќи го разговорот како одличен.

Вучиќ изјави дека е потврдена неговата посета на Руската Федерација на 9 мај и додаде дека на почетокот на мај ќе ја предводи српската делегација во Москва за да ја прослави 80-годишнината од победата над фашизмот.