Зеленски ги повика сојузниците да извршат притисок врз Русија да ја прекине војната

Украински војник во Покровск во близина на зграда уништена во руски напад, 6 март 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика сојузниците да извршат притисок врз Русија да ја прекине војната против Украина, откако таа повторно ја нападна украинската енергетска инфраструктура, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

„Првите чекори кон воспоставување вистински мир треба да бидат принудување на единствениот извор на оваа војна, Русија, да ги запре ваквите напади врз животот“, објави Зеленски на 7 март.

Тој рече дека и станбени згради биле погодени во координиран напад на Русија со крстаречки ракети од Црното Море, хиперсонични ракети од воздух и низа борбени беспилотни летала.

Зеленски кажа дека во одбивањето на нападот, Украина користела авиони Ф-16 и Мираж-2000 што Франција му ги дала на Киев како дел од пакетот помош објавен во јуни минатата година.

Видете и ова: Франција и нуди разузнавачки информации на Украина

По овој руски напад, Полска ги активираше системите за воздушна одбрана и борбените авиони.

Полските вооружени сили соопштија дека поради активностите на руската авијација со долг дострел, Варшава и сојузниците започнале воздушна операција за следење и одговор на заканите.

Рускиот напад доаѓа пред мировните преговори во Саудиска Арабија следната недела, каде што се очекува украинска делегација да се сретне со претставници на Соединетите Американски Држави за да подготви рамка за мировен договор.

Овој триесетти масовен напад врз енергетската инфраструктура на Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година и е дел од пошироката руска воена стратегија, чија цел беше објекти во областа Одеса во последните две недели.

Украинската државна компанија за гас Нафтохаз соопшти дека ова е 17-ти комбиниран напад врз нејзината инфраструктура. Извршниот директор на компанијата, Роман Чумак, рече дека производствените капацитети се погодени и дека во тек се напори за реконструкција.

И покрај постојаното негирање на Москва дека имала цел цивилна инфраструктура, Украина и меѓународните организации ги нарекоа нападите воени злосторства во кои тие рекоа дека болниците, училиштата, енергетските објекти и системите за водоснабдување низ земјата биле намерно цел.