Предлогот за привремен прекин на огнот во Украина е неприфатлив за Русија

Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи

Руското Министерство за надворешни работи оцени дека привремениот прекин на огнот во Украина, предложен од Париз и Киев, би бил „апсолутно неприфатлив“, бидејќи војната би продолжила.

„Неопходни се цврсти договори за конечно решение“, изјави портпаролката на Министерството, Марија Захарова, оценувајќи дека секој облик на кратка пауза што овозможува „реорганизација“ на силите е „апсолутно неприфатлив, бидејќи ќе доведе до сосема спротивен резултат“.

Францускиот претседател Емануел Макрон покрена иницијатива за едномесечен прекин на огнот што ќе се однесува на воздушната, морската и енергетската инфраструктура во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот (4 март) предложи ослободување на затворениците и прекин на огнот во воздух и во море како прв чекор кон ставање крај на војната.

Захарова на прес-конференција рече дека Украинците бараат „одмор“ за својата армија.

„Украина би го искористила ова за да ги зајакне своите воени капацитети и во тоа сценарио конфликтот неизбежно повторно би се разгорел“, рече таа.

Видете и ова: Зеленски ја повика Европа да ја притисне Русија за прекин на огнот

Американскиот претседател Доналд Трамп повика на итен прекин на огнот, а минатата недела рече дека Зеленски „не е подготвен за мир“ и е „неблагодарен“ за американската помош, пред малку да го ублажи својот тон.

Во понеделникот (3 март) , Трамп сепак ја замрзна клучната воена помош што неговата земја му ја обезбеди на Киев, поттикнувајќи стравувања во Украина и на други места во Европа.

И Зеленски и Путин повеќе пати изјавуваа дека се подготвени за мировни преговори, под одредени услови, но ништо не се случи и нивните клучни ставови и натаму остануваат спротивставени.

Украина бара цврсти гаранции за нејзината безбедност од своите сојузници за да спречи нов напад од Русија.

Москва бара „демилитаризација“ на Украина и предавање на украинската територија што ја анектираше, што Киев го смета за неприфатливо.