Романија уапси шестмина осомничени за заговор за државен удар во соработка со Русија

Полициски автомобил во Романија (илустративна фотографија)

Шест лица се уапсени во Романија, како осомничени за обид за соборување на владата во земјата со помош на Русија.

Осомничените беа уапсени вчера (5 март), истиот ден кога Романија, членка на НАТО и на Европската унија (ЕУ), ги прогласи военото аташе на руската амбасада и неговиот заменик за персона нон грата.

Тоа Романија го направи, тврдејќи дека постапиле во спротивност со дипломатските правила, а Москва најави дека ќе одговори на овој потег.

Видете и ова: Романија прогласи двајца руски дипломати за непожелни

Имињата на осомничените не се соопштуваат, но се наведува дека „членовите на криминалната група биле во постојан контакт со агенти на странски држави, во Романија и Русија“. Русија се уште не се изјаснила за ова прашање.

„Почнувајќи од 2023 година, тие создале организирана криминална група со цел да го поткопаат суверенитетот и независноста на романската држава и политички да ја поткопаат одбраната на земјата“, соопшти романската агенција за борба против организираниот криминал DIICOT.

Обвинителите наведоа дека групата имала структура од воен тип и дека нејзин член бил пензиониран генерал. Групата, тврдат тие, имала за цел да формира нова влада и да го укине сегашниот уставен поредок, со воведување ново знаме, нова химна и промена на името на државата.

„Истовремено, во текот на јануари, двајца од обвинетите отпатувале за Москва, каде што контактирале со поединци за да ја преземат власта во Романија“, соопштија обвинителите.

Политичките тензии во Романија се зголемуваат откако највисокиот суд ги прогласи за неважечки претседателските избори во декември минатата година, поради обвинувањата за руско мешање, што Москва го негираше.

Судот потоа пресуди дека Русија се мешала во изборната кампања за да го фаворизира водечкиот кандидат на екстремната десница, Калин Георгеску, кој е проруски настроен и се противи на воената помош за Украина.

Извори на обвинителството рекоа дека истрагата објавена денеска (6 март) не е поврзана со Георгеску, објави Ројтерс.