Зеленски им се заблагодари на лидерите на ЕУ за помошта и истакна дека Украинците „не се сами“

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, украинскиот претседател Володомир Зеленски и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Брисел, 6 март 2025 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на европските лидери за „силната поддршка“ што и ја дадоа на Украина, нагласувајќи дека тоа значи дека неговата земја не е сама во борбата против руската инвазија.

„Останавте со нас цело време. Ние не сме сами и вие му дадовте силен сигнал на украинскиот народ, кој тоа го цени“, рече Зеленски на самитот што се одржува во Брисел.

По кризните состаноци во Париз и Лондон, европските лидери сега се собираат во Брисел на „специјален самит“ на кој ќе се фокусираат плановите за масовно зајакнување на одбраната, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Во нацрт-заклучоците, во кои имаше увид РСЕ, се споменува зајакнување на воздушната одбрана, артилерија и „способност за длабоки прецизни напади“.

Видете и ова: Европските лидери се подготвуваат да објават одбранбен план од 800 милијарди евра

Самитот, кој се одржува на 6 март, првпат беше најавен на 27 февруари, како одговор на брзите дипломатски случувања. Сепак, оттогаш, темпото дополнително се забрза - по тензичната средба на Трамп и Зеленски во Овалната соба, по што Вашингтон ја замрзна воената помош за Украина.

Клучна точка ќе биде планот наведен од шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 4-ти март, наречен План за вооружување на Европа.

Фон дер Лајен денеска рече дека Европа и Украина се на „пресвртница“.

„Европа се соочува со јасна и присутна опасност и затоа мора да биде способна да се заштити, да се одбрани. Мора да ја ставиме Украина во позиција да се заштити себеси и да се залага за траен и праведен мир“, им рече таа на новинарите во Брисел.

Планирано е земјите-членки на ЕУ да потрошат до 800 милијарди евра за одбрана. Нацрт-заклучоците од самитот, кои ги виде РСЕ, во голема мера го поздравуваат планот, поставувајќи ја основата за подетални планови што треба да бидат одобрени на следниот состанок на Европскиот совет на 20-21 март.