Захарова: Макрон дава изјави што се „надвор од реалноста“

Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи

Русија го критикуваше францускиот претседател Емануел Макрон за обраќањето оваа недела во кое тој размислува за проширување на француското нуклеарно одвраќање на европските партнери и укажа на можноста за испраќање европски трупи во Украина за спроведување на мировниот договор.

Во говорот пред француската нација во средата, Макрон ја нарече Русија „закана за Франција и Европа“ и рече дека Французите се „легитимно загрижени“ поради тоа што САД ќе ја променат својата позиција за конфликтот во Украина под водство на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Тој секој ден дава апсолутно контрадикторни изјави“ што се „одвоени од реалноста“, рече портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова за Макрон.

Захарова го спореди со Оле Лукоје, митско суштество во бајката на Ханс Кристијан Андерсен, кое држи чадори над заспаните деца.

„Го слушав сето ова, го погледнав и сфатив на кого ме потсетува - нуклеарниот Оле Лукоје“, рече таа.

Видете и ова: Европските лидери се подготвуваат да објават одбранбен план од 800 милијарди евра

Истакнувајќи дека Франција е уникатно позиционирана во Европа благодарение на нејзините способности за нуклеарно одвраќање, Макрон додаде дека е отворен за разговори за проширување на таа заштита на европските сојузници, по „историскиот“ повик на веројатно следниот германски канцелар Фридрих Мерц да го прошири тој заштитен чадор.

Мерц, чија конзервативна партија победи на парламентарните избори, минатиот месец рече дека сака дискусија за нуклеарните капацитети со Франција и Велика Британија, кои се единствените нуклеарни сили во Европа покрај Русија.