Соединетите Американски Држави (САД) денеска (5 март) воведоа санкции за седум водачи односно високи членови на Хутите, како и уште еден поединец поради испраќање јеменски цивили да се борат за Русија во Украина.
Санкциите објавени од американското Министерство за финансии, следуваат еден ден откако САД повторно ја прогласија оваа јеменска милитантна група за терористичка организација, пренесува агенцијата Франс прес (АФП).
Овие бунтовници, поддржани од Иран, контролираат голем дел од Јемен, вклучително и главниот град Сана, започнаа со ракетни и беспилотни напади врз Израел од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.
Видете и ова: САД ги прогласија Хутите за странска терористичка организацијаСедумте санкционирани водачи, според соопштението од Министерството, шверцувале предмети од воена природа и системи за оружје во областите во Јемен кои се контролирани од Хутите, а исто така преговарале и за набавка на оружје од Русија.
Министерот за одбрана, Скот Бесент, посочи дека „барајќи оружје од сè поголем број меѓународни добавувачи, водачите на Хутите ја покажале својата намера да продолжат со своите непромислени и дестабилизирачки акции во регионот на Црвеното Море“.
„Американската влада е посветена да ги повика на одговорност Хутите за набавка на оружје и компоненти на оружје од добавувачи во Русија, Кина и Иран со цел да ја загрозат безбедноста на Црвеното Море“, порача портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.
Покрај седумте водачи, другото лице кое заврши на „црната листа“ е Абдулвали Абдох Хасан ал-Џабри, кој се обвинува за регрутација на јеменски цивили да се борат за Русија во Украина, како и дека како човек близок до Хутите генерирал приходи за поддршка на милитантните операции на групата.
Според американските власти, преку неговата приватна компанија „Ал Џабри“ тој го олеснувал трансферот на цивили за борба во Украина во замена за пари во готовина, пишува АФП.
Видете и ова: Русија и јеменските Хути обединети против ЗападотВчера, Стејт департментот соопшти дека го прогласува јеменското движење Хути, за „странска терористичка организација“ откако претходно на ваков потег повикуваше и претседателот на САД, Доналд Трамп.
За време на својот прв мандат, Трамп ги прогласи Хутите за терористичка организација, но таа одлука беше променета од страна на администрацијата на Џо Бајден поради загриженост дека тоа би можело да спречи потребната помош да стигне до Јемен.
Во 2014-та година, Хутите зазедоа поголем дел од северозападниот дел на Јемен и неговиот главен град Сана, што доведе до војна во која загинаа десетина илјади луѓе, но создаде и хуманитарна катастрофа во најсиромашната земја во арапскиот свет.