Романија денеска (5 март) прогласи двајца руски дипломатски службеници за непожелни (персона нон грата) поради активности спротивни на дипломатските правила, пренесува Ројтерс.
Станува збор за военото аташе и неговиот заменик.
Русија најави дека ќе одговори на ваквиот потег на романските власти.
Овој чекор е последниот показател на тензичните односи меѓу Букурешт и Москва поради војната во Украина и обвинувањата за руско мешање во романските избори.
За потсетување, Романија го откажа вториот круг од претседателските избори во декември поради обвинувања дека Русија се мешала во изборната кампања, нешто што Москва го негираше.
Видете и ова: ЕУ покрена истрага за ТикТок поради сомнеж за руско мешање во изборите во Романија„Романските власти одлучија да го прогласат за персона нон грата военото воздухопловно и поморско аташе во Букурешт на Руската Федерација, како и неговиот заменик за дејствија што се косат со Виенската конвенција за дипломатски односи“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Романското МНР не соопшти повеќе детали за одлуката.
Руската новинска агенција РИА пренесе дека Русија најавила оти ќе даде соодветен одговор на ваквиот потег на Букурешт.
Во јули лани Русија прогласи официјално лице од романска амбасада за персона нон грата. Букурешт тогаш реагираше дека тоа е неоправдан одговор на претходниот потег на романските власти од мај кога руски дипломат беше прогласен за непожелен во Романија.