Украинскиот претседател, Володомир Зеленски изрази подготвеност да „работи под водство“ на американскиот претседател, Доналд Трамп на „постигнување траен мир“ во Украина, во услови на тензии со Белата куќа по прекинот на американската воена помош за Украина.
„Мојот тим и јас сме подготвени да работиме под водство на претседателот Трамп за да постигнеме траен мир", напиша Зеленски денеска (4 март) на социјалната мрежа Икс (X), додавајќи дека сака да ги „среди работите" со неговиот американски колега по нивната жестока дискусија во петокот во Овалната соба на Белата куќа.
Нашата средба во Вашингтон, во Белата куќа, не помина според планираното. Жално е што се случи тоа. Време е работите да се поправат", рече Зеленски, додавајќи дека се надева на „конструктивна соработка и комуникација во иднина".
Зеленски предложи прекин на огнот во воздух и море, како и размена на затвореници со Русија, како први чекори за ставање крај на војната која започна со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
„Првите чекори би можеле да бидат ослободување на затвореници и прекин на огнот на небото - забрана за ракети, беспилотни летала со голем дострел, бомби на цивилна инфраструктура, вклучувајќи ја и енергетската, како и прекин на огнот на море, ако Русија го стори истото", рече украинскиот претседател.
Украина е „благодарна" за воената помош на САД, рече Зеленски, како одговор на критиките од Трамп, кој го обвини за неблагодарност и непочитување на Вашингтон за напорите да се стави крај на војната за време на вербалната дискусија во Белата куќа во петокот.
Претседателот на САД потоа нареди „пауза" во понеделникот но воената помош на САД за Украина, што е од клучно значење за способноста на Киев да се брани.
„Ние навистина го цениме сето тоа што Америка го направи за да ѝ помогне на Украина да го задржи својот суверенитет и независност. И се сеќаваме кога работите се сменија кога претседателот Трамп (во неговиот прв мандат) ѝ испорача американски противтенковски ракети на Украина. Ние сме благодарни за тоа", рече Зеленски.
Украинскиот претседател додаде дека е подготвен „во секое време" да го потпише планираниот рамковен договор со САД за експлоатација на украинските минерални ресурси, чие потпишување беше одложено поради спорот со Трамп.
„Ние гледаме на овој договор како на чекор кон поголема безбедност и силни гаранции за безбедност и искрено се надевам дека ќе функционира ефективно", рече Зеленски.