САД ги прогласија Хутите за странска терористичка организација

Архивска фотографија

Американскиот Стејт департмент денеска (4 март) соопшти дека го прогласува јеменското движење Хути, формално познато како Ансар Алах за „странска терористичка организација“. Ова следува две години по повикот на претседателот на САД, Доналд Трамп да биде направен ваков потег.

Американскиот државен секретар, Марко Рубио објави дека Вашингтон ја прогласил оваа јеменска милиција која го поддржува Иран, за странска терористичка организација.

„Денеска Стрејт департментот исполнува едно од првите ветувања на претседателот Трамп по преземањето на должноста и со задоволство можам да објавам дека министерството го прогласи Ансар Алах за странска терористичка организација“, изјави Рубио.

„Како што претседателот Трамп истакна во извршната наредба 14175, активностите на Хутите ја загрозуваат сигурноста на американските цивили и персонал на Блискиот Исток, безбедноста на нашите најблиски регионални партнери и стабилноста на глобалната поморска трговија", додаде Рубио.

Видете и ова: Британија „се ангажира со клучните сојузници“ откако Трамп ја запре помошта за Украина

Тој рече дека Вашингтон нема да толерира која било земја да се ангажира со организации како што се Хутите во име на правење легитимен меѓународен бизнис.

„Денешната акција преземена од страна на Стејт департментот ја покажува посветеноста на администрацијата на Трамп за заштита на нашите национални безбедносни интереси, безбедноста на американскиот народ и безбедноста на САД", додаде тој.

Во соопштението од Белата куќа на 22 јануари оваа година, во кое беше најавено дека Хутите ќе бидат прогласени за терористичка организација се наведува дека тие се поддржани од Иранската револуционерна гарда Quds (IRGC-QF) која ги наоружува и обучува терористичките организации ширум светот од 2023 година кои повеќе пати ги загрозиле американските војници.

Од деведесеттите години, Хутите се борат против меѓународно признатата јеменска влада.

За време на својот прв мандат, Трамп ги прогласи Хутите за терористичка организација, но таа одлука беше променета од страна на администрацијата на Бајден поради загриженост дека тоа би можело да спречи потребната помош да стигне до Јемен.

Најновиот потег, еден од првите на Трамп во неговиот втор мандат во областа на надворешните работи, би можел да биде почетен чекор во кампањата за „максимален притисок“ која неговиот тим вети дека ќе ја обнови против Иран.

Во 2014-та година, Хутите зазедоа поголем дел од северозападниот дел на Јемен и неговиот главен град Сана, што доведе до војна во која загинаа десетина илјади луѓе, но создаде и хуманитарна катастрофа во најсиромашната земја во арапскиот свет.