Од 30 до 35 отсто од луѓето во Македонија имаат веќе проблем со обезност, додека во светот бројката изнесува една милијарда – изјави денеска (4 март) министерот за здравство, Арбен Таравари.
Говорејќи на прес конференција по повод Светскиот ден на обезноста, тој истакна дека според проекциите, за десет години таа ќе порасне за 50 отсто, и тоа не само во развиените држави, туку и во државите што се во развој како што сме ние.
„Значи не е проблем само на популацијата што има подобри услови за живеење, туку и во државите кои што се развиваат“, посочи министерот.
Како што рече тој, во земјава има два центри за третман на обезност, односно Клиника за ендокринологија и Градската општа болница „8 Септември“, но најави дека наскоро Клиниката за ендокринологија ќе се дисперзира и во Прилеп.
Сензори за 800 пациенти со дијабет
Таравари информираше дека Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување веќе ја имаат набавено инсулинската терапија и сѐ што е потребно за луѓето со дијабет.
„Веќе сме во процедура за обезбедување околу 10-20 отсто повеќе. Исто така ќе има третман за пациенти кои што се со дијабет и со обезност, кои што се третираат со специфична терапија. Оваа година таа бројка ќе порасне за 200 пациенти повеќе, што е релативно голема бројка. Исто така, сензорите во изминатите две години беа за 650 пациенти, оваа година ќе бидат 800 пациенти“, додаде Таравари.
Додаде дека првпат во државата Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство ќе го покриваат трошокот за 25 пациенти, кои ќе можат да се оперираат.
„За првпат во државата, 25 пациенти преку Фондот и Министерството ќе можат да се оперираат, ако се обезни и постојат индикации за операција, тоа што комплетно ќе го покрива и ќе биде најдобриот систем, да речам, што е првпат, новина се случува во нашата држава“, рече Таравари.
Видете и ова: Големи амбиции за болницата „8 Септември“На денешната прес-конференција, директорот на ФЗО, Сашо Клековски нагласи дека годинава за првпат е одобрен буџет за изведување баријатриска хирургија на Клиниката за дигестивна хирургија. Овие средства, посочи Клековски, се во висина од околу 120 милиони денари.
„Идејата е дека кога постојат силни медицински индикации, не естетски, тука силни медицински индикации, кога тежината не може на ниеден друг начин да се контролира, да се пристапи кон овој начин на интервенција. Тука треба да признаеме дека веќе дебелината не ја гледаме како естетски проблем, туку како здравствен проблем, и како вложување во здравјето на единките, бидејќи некои од работите, како што е дијабетот не може да бидат апсолвирани без регулирање на тежината“, рече Клековски.
Центарот за менаџирање на обезноста во рамките на ГОБ „8-ми Септември“ беше отворен пред две години. Лекувањето таму го спроведуваат лекари од различна специјалност, кои меѓу другото, ги едуцираат пациентите за регулирање на храната, а за оние кои имаат потреба од терапија се планира фармаколошка терапија.