Поради позитивен лабораториски наод на колиформни бактерии кај изворска минерална вода по потекло од Република Косово, Агенцијата за храна и ветеринарство(АХВ)спроведува засилен инспекциски надзор на увозот на сите пратки со изворска минерална вода од оваа земја.
Под засилен инспекциски надзор во однос на микробиолошките критериуми за безбедност на храната се и пратките со безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, каде во една пратка, со лабораториска анализа утврдено е присуство на аеробни бактерии.
„За секоја од наредните пратки со изворска вода и безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, ќе се земаат лабораториски мостри за испитување на микроорганизми согласно Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната“, информираат од аАгенцијата.
Во меѓувреме, дел од медиумите го објавија известувањето од АХВ упатено до сите државни инспектори и официјални ветеринари кои контролираат храна, со кое се наредува проверка на пратките на вода од Косово независно од кој производител.
„Ве известуваме дека по добиен лабораториски наод од Факултет за ветеринарна медицина на Македонија со лабораториски резултат број 2025/2/113 за пратка Природна изворска вода Ругове од 1,5 литра во количина од 22,338 кг, со потекло од УЈ Ругове, Косово, наменета за оператор со храна Даути Комерц од Скопје е утврдено присуство на колиформни бактерии кој не е во согласност со Правилникот за посебните барања забезбедност на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода (,Службен весник на РМ“ бр. 184/20218). Лабораторискиот наод е извршен со акредитиран методISO/IEC/17025:2018 под број ЛТ-006. Производител на пратката e УJ Рyгове, Косово“, се наведува во известувањето од АХВ што го објави телевизијата Канал 5.
Видете и ова: Болници делеле небезбедна храна, уништени 110 кгМеѓудругото, оттаму додаваат дека во услови на интензивирање на трговијата со овошје и зеленчук, а со цел поголема безбедност на храната, ќе биде зголемен и интензитетот на контроли на пратките на овој вид производи кои се увезуваат во земјава, од сите држави.
Засилените контроли ќе се реализираат со земање лабораториски мостри за испитување на остатоци од пестициди, со акредитирани методи, од секоја пратка.
Од АХВ уверуваат дека пратките нема да се пуштаат во промет се' до добивање на резултат со кој ќе се потврди безбедноста на производите.
Радио Слободна Европа во Приштина го контактираше сопственикот на оваа компанија, Висар Келменди, кој изјави дека продажбата во Северна Македонија продолжува.
„Имаше проблем две-три недели со еден примерок за анализа. Потоа се направени уште десет анализи на водата во Северна Македонија, на Косово и во една трета земја. Потврдено е дека нема ништо“, изјави Келменди.
Во соопштение испратено до медиумите пак, оваа компанија наведе дека на 22 февруари, во текот на анализата за извозот на одредена количина вода од пластични шишиња од 1,5 литри во Северна Македонија, утврдено е дека квалитетот на водата не ги поминал тестовите.
„Во врска со анализираниот примерок, сакаме да го појасниме следното: примерокот беше дел од стандардната процедура за гранична контрола пред производот да биде пласиран на пазарот. Според актуелната законска регулатива, по почетните анализи, баравме истиот пример повторно да биде тестиран од надлежните македонски органи. Резултатите од втората анализа потврдија дека водата е чиста, соодветна за пиење и без никакви проблеми во поглед на квалитетот“, соопштија од оваа компанија, која приложи и анализа од една од лабараториите во Скопје од 13 февруари.
Од оваа компанија додадоа дека „секоја интерпретација која ги доведува во прашање квалитетот и безбедноста на водата е неоснована и неточна“.