Еврокомисијата предлага фонд од 800 милијарди евра за инвестиции во одбраната

Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска предложи нов фонд кој би можел да мобилизира близу 800 милијарди евра (841,5 милијарди долари) за инвестиции во одбраната во Европската Унија, вклучително и за воена помош за Украина, јави ДПА.

Таа рече дека планот за „ре-вооружување на Европа може да мобилизира близу 800 милијарди евра (841,4 милијарди долари) за безбедна и еластична Европа“.

Фон дер Лајен ја истакна потребата од зајакнување на одбранбените капацитети на Европа по самитот во Лондон каде европските лидери се собраа на разговори за Украина.

Видете и ова: Трамп ја прекина воената помош за Украина по жестоката конфронтација со Зеленски

Самитот во Лондон пак следуваше по тензичната средба на украинскиот претседател Володомир Зеленски со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон минатата недела.

И откако самата посета на Зеленски на Вашингтон на 28 февруари беше прекината по конфронтацијата на Зеленски со Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, тој доби многу пораки за солидарност од Европа.

Зеленски си замина без да потпише договор за пристап до украинските минерали со американскиот претседател Доналд Трамп, што беше главната цел на нивниот состанок во Вашингтон, а заедничката прес-конференција беше откажана.