Дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари, бара Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Ваквиот предлог ќе биде доставен до Владата, Организацијата на работодавачите и пратениците, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, на прес-конференција на 3 март.
ССМ бара и за дополнителното зголемување на нето платата од 6.000 денари придонесите да ги субвенционира државата, како и дополнителното зголемување на нето платата од 6. 000 денари да биде задолжително и за работодавачите од приватниот сектор кои исплаќаат плата и над износот на минималецот.
Трендафилов рече дека минималната плата треба да биде утврдена најдоцна до 15 март и да биде исплатена најдоцна до 15 април.
„Апелирам до Владата и работодавачите да го прифатат предлогот на ССМ, а пратениците, како што беа сложни за нивните патни трошоци, да гласаат за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари што ќе значи и дополнително зголемување на сите останати плати на работниците во Македонија. Со тоа што ќе добиеме зголемени плати нема да заминеме во банките да ги штедиме тие средства што сме ги добиле како зголемување, туку со нив ќе ги купиме основните прехранбени производи кои се даночат со стапка од 5, 10, 15 или 18 отсто“, рече претседателот на ССМ.
Економско-социјалниот совет (ЕСС) моментално е нефункционален. Според Трендафилов, причината е тоа што Владата ги повлекла тројцата членови од Комисијата која одлучува за репрезентативноста на синдикатите.
Тој изрази надеж дека Владата на наредната седница, веројатно утре, ќе треба да ги утврди тројцата членови во Комисијата за репрезентативност. Зависно каква одлука ќе донесат Владата и работодавачите, ќе зависи и како понатаму ќе делува ССМ. Една од опциите е штрајк.
Минималната плата сега е 22. 567 денари. Таа треба да се усогласи во март и според пресметките, зголемувањето би изнесувало околу 1.800 денари. Според ССМ, 24.400 денари колку што би била минималната плата согласно законското усогласување се премалку за работниците имајќи ги предвид трошоците на живот, поради што бараат таа да се зголеми на 30 илјади денари.