Кремљ вели дека Зеленски треба да биде принуден на мир

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека не сака мир, откако минатата недела тој се судри со американскиот претседател Доналд Трамп, во Белата куќа во Вашингтон.

„Не сака мир. Некој треба да го натера да сака мир. Ако Европејците го направат тоа, секоја чест за нив“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Средбата меѓу Трамп и Зеленски ја оцени како „прилично невиден настан“.

Тој ја префрли вината на Зеленски, за кој рече дека „ најблаго кажано, демонстрирал целосен недостиг на дипломатски способности“.

Песков рече дека претседателот Владимир Путин е свесен за тоа што се случило, велејќи дека тоа го докажува точниот став на Русија за конфликтот.

Видете и ова: Тензична средба меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа

Тој посочи дека европските сојузници, исто така, ќе мора да го смират Трамп, велејќи дека „некој ќе мора да вложи значителни напори во дијалогот со Вашингтон со цел некако да го анулира непријатниот впечаток што несомнено останува во Белата куќа по разговорот со Зеленски“.

Во оваа ситуација, „јасно е дека само напорите на Вашингтон и подготвеноста на Москва нема да бидат доволни“, рече Песков.

Коментарите на Кремљ следуваат откако европските сојузници на Украина одржаа кризни разговори во Лондон изминатиот викенд и Зеленски рече дека ќе работи со Европа за да постави услови за можен мировен договор.

Видете и ова: По „ролеркостер дипломатијата“, Европа сака да го врати моментумот за Украина

Портпаролот на Кремљ ја опиша ситуацијата како „комплексна“, велејќи дека „колективниот Запад почна делумно да го губи колективното единство“ за Украина.

„Иако првично се скицираат можни мировни планови, сè уште не може да се каже дека постои кохерентен мировен план“, рече Песков и додаде дека Русија ја продолжува својата „специјална воена операција“ во Украина, „за да ги постигне целите што ги имаше од самиот почеток“.