Украинскиот претседател Володимир Зеленски се состана со британскиот премиер Кир Стармер во Лондон во саботата, еден ден по јавниот судир со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, судир што ја доведе во прашање иднината на американската поддршка за Киев.
Стармер и Зеленски зборуваа зад затворени врати на Даунинг стрит 10 нешто повеќе од еден час, по што не дадоа никакви изјави за медиумите.
Министрите за финансии на двете земји, Рејчел Ривс и Серхи Марченко, објавија дека потпишале договор за заем во вредност од 2,26 милијарди фунти (2,84 милијарди долари), чија цел е зајакнување на одбраната на Киев.
Видете и ова: Гордост, ужас и загриженост: Што мислат Украинците за судирот Трамп-ЗеленскиВелика Британија соопшти дека договорот е знак за „нашата непоколеблива и континуирана поддршка за украинскиот народ“ и додаде дека парите ќе бидат вратени преку профитот од замрзнатиот руски имот.
Пречекувајќи го Зеленски, Стармер му рече дека е „многу добредојден“ во Лондон.
„Ние стоиме со вас и Украина онолку долго колку што е потребно“, рече тој, наведувајќи дека британската влада бара „траен мир за Украина, заснован на суверенитет и безбедност… што е толку важно и за Украина и за Европа“.
„Сметаме на вашата поддршка и навистина сме среќни што имаме такви пријатели“, рече Зеленски.
Зеленски подоцна објави на интернет дека разговарал со Стармер „за предизвиците со кои се соочува Украина и цела Европа, координација со партнерите, за конкретни чекори за зајакнување на позицијата на Украина и за завршување на војната со праведен мир, со силни безбедносни гаранции“.
Тој додаде дека средствата од заемот „ќе бидат насочени кон производство на оружје во Украина“.
„Ова е вистинска правда – тој што ја започна војната мора да плати“, рече Зеленски.
Топлото добредојде што го приреди Стармер е во целосна спротивност со острата јавна конфронтација претходниот ден во Овалната соба помеѓу Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп.
Видете и ова: Европските сојузници го поддржаа Зеленски по тензичната средба со ТрампПо жестоката размена на зборови со Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, Зеленски ја напушти Белата куќа без да потпише договор за минерали со Трамп, што беше главната цел на состанокот.
Американскиот државен секретар Марко Рубио го повика украинскиот лидер да се извини што средбата во Белата куќа ја претворил во „фијаско“.
Ден по жестоката средба, генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека му рекол на Зеленски оти мора да најде начин да ги поправи односите со Трамп.
„Важно е претседателот Зеленски да најде начин да ги обнови односите со американскиот претседател и со високиот американски лидерски тим“, рече Руте за Би-би-си, коментирајќи го телефонскиот разговор што го имал со Зеленски во петокот.
Тој го опиша состанокот во Белата куќа како „несреќен“.
Руте, исто така, рече дека САД, Украина и Европа мора да се „држат заедно“ за да обезбедат „траен мир“ во Украина.
„Досега двапати разговарав со претседателот Зеленски по телефон. Му го кажав ова, мораме да се држиме заедно - САД, Украина и Европа, за да ја доведеме Украина до траен мир“, рече Руте.
Зеленски денеска (недела( треба да се сретне со кралот Чарлс Трети, истиот ден кога Велика Британија ќе биде домаќин на клучниот самит за Украина. Десетици европски лидери, како и претставници на НАТО и ЕУ, се очекува да разговараат за поддршката за Украина и за зголемување на економскиот притисок врз Русија.
Видете и ова: Анализа: Четири заклучоци од катастрофата во Овалната собаИ покрај тоа што доби поддршка од европските лидери по неговиот состанок со Трамп, тензичниот состанок во Белата куќа ја искомплицира желбата на Украина да обезбеди американска поддршка во одбраната на земјата од Русија и завршувањето на војната под услови прифатливи за Киев.
Во своите први јавни коментари само неколку часа по жестоката размена, Зеленски за Фокс њуз изјави дека го почитува Трамп и „се разбира“ верува дека односите може да се поправат бидејќи Украина не сака да го изгуби својот партнер.
Во серија објави на мрежата Икс, Зеленски напиша и: „Многу сме им благодарни на САД за сета поддршка. Благодарен сум на претседателот Трамп, Конгресот за нивната двопартиска поддршка и американскиот народ. Украинците секогаш ја ценеле оваа поддршка, особено за време на овие три години општа инвазија“.
Стармер, исто така, неодамна се врати од Вашингтон, каде го повика Трамп да ја гарантира безбедноста на Украина доколку се постигне договор за ставање крај на конфликтот, кој сега е во својата четврта година.
Меѓутоа, на прашањето за безбедносните гаранции по неговиот состанок со Стармер, Трамп рече дека е премногу рано да се зборува за тоа бидејќи допрва треба да се постигне прекин на огнот.