Руските сили од областа Курск го нападнаа регионот Суми, соопшти Киев

Фото архива: Болница во Суми, Украина, по рускиот напад, септември 2024 година.

Украинските власти објавија дека руските сили го нападнале пограничниот украински регион Суми од соседната руски регион Курск, чиј дел беше заробен од украинската армија минатото лето.

„Русите се обидуваат да ја нападнат границата со пешадиски групи, без возила. Засега нема пробиви, борбите продолжуваат“, соопшти Украинскиот центар за борба против дезинформации.

Борбите се водат во близина на украинското село Новенка во близина на Судја, руски град кој го држи украинската армија во областа Курск, пренесе АФП.

Украинската армија влезе во Курск во август 2024 година и држи неколку стотици квадратни километри, што Киев се надева дека ќе ги искористи за можна размена во случај на преговори со Москва.

Русија, која окупираше околу 20 отсто од територијата на Украина, ја отфрли можноста за територијална размена.

Руската војска со месеци води контраофанзива за од областа Курск да ги истера украинските сили, кои се помалубројни од руските сили и во голема мера се повлекоа.

Украинските власти кон средината на февруари објавија дека контролираат 500 квадратни километри во тој регион на Русија, додека на почетокот на офанзивата во август окупираа 1.400 квадратни километри.

Киев и неговите сојузници тврдат дека Русија испратила илјадници севернокорејски војници во регионот да и помогнат на руската војска, но Москва не го потврди тоа.

Договор со САД за минералите

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска (28 февруари) имаат средба во Вашингтон, во услови на нови американски разговори за можен крај на војната меѓу Украина и Русија што Кремљ ја започна во февруари 2022 година.

Трамп оцени дека напорите за постигнување мир се одвиваат доста брзо.

Неговата администрација претходно ги одржа првите разговори со Москва во февруари откако Русија ја нападна Украина пред повеќе од три години.

Зеленски најави дека ќе се обиде да добие одредени безбедносни гаранции за Украина од Белата куќа кои треба да го поддржат потенцијалниот мировен договор.

Видете и ова: Зеленски во Вашингтон на разговори со Трамп

Најавено е дека Зеленски и Трамп ќе потпишат договор со кој на САД ќе им се овозможи пристап до украинските ресурси на ретки метали. Трамп посочи дека присуството на американски рударски компании во Украина би можело да дејствува како пречка за идни руски напади.

Москва го анектира украинскиот полуостров Крим на Црното Море во 2014 година и ги поддржа проруските сепаратисти во борбите во источна Украина. Конфликтот ескалираше во отворена војна кога Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година.