Зеленски и Путин заедно да стават крај на војната во Украина, вели Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 21 февруари изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин ќе мора „да се состанат“ за да стават крај на речиси тригодишната војна во Украина.

„Мислам дека претседателот Путин и претседателот Зеленски ќе мора да се состанат заедно. Затоа што знаете што? Сакаме да престанеме да убиваме милиони луѓе“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа по заклетвата на Хауард Лутник како министер за трговија.

„Мислам дека имаме шанса да го направиме договорот. Морав да се уверам дека Русија сака да го направи тоа“, мислејќи на состанокот за војната во Украина оваа недела меѓу највисоките американски и руски дипломати во Ријад, Саудиска Арабија.

Трамп, исто така, рече дека нема да оди во Москва на настаните за Денот на победата на 9 мај по повод годишнината од крајот на Втората светска војна и рече дека САД се блиску до потпишување договор за минералите со Украина.

„Мислам дека сме прилично блиску, мислам дека тие го сакаат тоа“, рече Трамп.

„Тоа е значајно. Тоа е голема работа“, додаде тој.

Тројца анонимни извори запознаени со ова прашање, изјавија за Ројтерс дека додека се склучува договор за критичните минерали, Вашингтон, исто така, ја покренал можноста за прекин на пристапот на Украина до сателитскиот Интернет-системот Старлинк на Илон Маск.

Видете и ова: Трамп ги разреши највисоките американски генерали

Дарја Калењук, извршен директор на Киевскиот Центар за борба против корупцијата, за РСЕ изјави дека системот е од витално значење за одбраната на Украина.

„Обезбедува интернет конекција на првата линија [...] многу е тешко да се борите без да имате пристап до Starlink“, рече Калењук.

Украина има наоѓалишта на 117 од 120 најкористени минерали и метали во светот. Пристапот до овие ресурси би можел вкупно да вреди трилиони.

Трамп се залагаше за договор за брзо завршување на војната во Украина и одржа одделни разговори оваа недела со двајцата лидери.

Зеленски во своето вечерно обраќање се осврна на договорот за минерали, велејќи дека се надева на фер резултат.

„Ова е договор што може да додаде вредност на нашите односи, а главната работа е да ги разработиме деталите за да може да функционира“, рече тој два дена откако Трамп остро го критикуваше Зеленски, нарекувајќи го „диктатор“ кој ризикува да ја изгуби својата земја ако „не делува брзо“.