Зеленски се сретна со Келог, откако Трамп го нарече „диктатор“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 20 февруари се сретна со американскиот пратеник Кит Келог, откако Доналд Трамп го нарече украинскиот лидер како „диктатор“ и рече дека Русите „имаат карти“ во какви било разговори за ставање крај на војната, јавува новинската агенција Франс Прес.

На тавките коментари Зеленски возврати со забелешка дека Трамп, подлегнал на руската „дезинформација“ повторувајќи ги точките за разговор во Кремљ.

По средбата меѓу Зеленски и Келог во Киев, портпаролот на кабинетот на Зеленски соопшти дека нема да има изјави по разговорите.

Видете и ова: Трамп го нарече Зеленски „диктатор без избори“ и го повика „брзо да си замине“

Вообичаено, претставниците кои доаѓаат во посета на Киев, до сега одржуваа заедничка прес-конференција по разговорите.

„На барање на американската страна, форматот на состанокот предвидува протоколарно снимање и не вклучува изјави или прашања“, изјави за новинарите портпаролот на Зеленски, Сергиј Никифоров.

Во Соединетите Држави, главниот советник на Трамп за безбедност во четвртокот рече дека критиките на Зеленски кон американскиот претседател се „неприфатливи“ и го повика да потпише договор со кој се дава преференцијален пристап до клучните минерали и природните ресурси на Украина.

„Тие треба да го намалат тонот и внимателно да погледнат и да го потпишат тој договор“, изјави советникот за национална безбедност Мајк Волц за американскиот медиум Фокс њуз.

Според американскиот претседател Доналд Трамп, Зеленски ја урнал демократијата во неговата земја.

„Диктатор без избори, Зеленски е подобро да се движи брзо или нема да му остане земја“, напиша тој на својата платформа Truth Social.

Зеленски беше избран во 2019 година за петгодишен мандат и остана лидер во согласност со украинските правила според воената состојба, која настана по руската инвазија во врз Украина во 2022 година. Тензиите меѓу Зеленски и Трамп почнаа да растат по новата позиција на САД за војната.

Но, Зеленски даде попозитивен тон пред средбата со Келог во четврток, велејќи дека „за нив е многу важно средбата и нашата соработка со САД да бидат конструктивни“.

„Заедно со Америка и Европа, мирот може да биде посигурен и тоа е нашата цел“, додаде тој.

Русија, која со години се противи на американското воено присуство во Европа, сака реорганизација на безбедносната рамка на континентот како дел од каков било договор за ставање крај на борбите во Украина, јавува Франс прес.