Гаши ја назначи Комисијата за здравство за надлежна за одржување на надзорната расправа за аерозагадувањето

Собрание, архивска фотографија

Надзорната расправа на која ќе се расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство. Од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши попладнево информираа дека тој ја назначил оваа Комисија како матично работно тело за расправата.

- Комисијата за здравство сега соодветно ќе ја свика седницата, за да се погрижи расправата да се одвива на организиран, деловнички и законски начин. Собранискиот надзор е суштински, но и почитувањето на Деловникот за одржување на кредибилитетот и отчетноста. Собранието останува посветено на решавање на важни јавни прашања, истовремено обезбедувајќи процедурален интегритет - се наведува во соопштението од Кабинетот на Гаши.

Кабинетот информира дека на 6 февруари претседателот на Постојната анкетна комисија, Димитар Апасиев доставил известување дека надзорната расправа ќе се одржи на 25 февруари, а дел од членовите на оваа Комисија на 13 февруари доставиле известување со кое укажале дека во однос на оваа јавна расправа има постапувања кои не се во согласност со Деловникот.

Видете и ова: Итни мерки за загадувањето има, но треба желба

Укажувањата биле проследени до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања која на 17 февруари заклучила дека не биле испочитувани процедуралните правила по што претседателот на Собранието го информирал Апасиев дека закажаната јавна расправа не може да продолжи под тие околности.

- На 30 јануари доставено е Барање од 20 пратеници до претседателот на постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, преку Претседателот на Собранието за одржување на надзорна расправа на која ќе се расправа за ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје – посочуваат од кабинетот во денешното соопштение.

Оттаму додаваат дека на 6 февруари, Апасиев доставил известување дека надзорната расправа ќе се одржи на 25 февруари 2025.

Во соопштението се посочува дека дел од членовите и замениците членови на Постојаната анкетна комисија за заштита на слoбодите и правата на граѓанинот на Собранието доставиле известување во врска со надзорната расправа за аерозагадувањето закажана за 25 февруари 2025 година.

Во известувањето се укажува дека во врска со оваа јавна расправа има постапувања кои не се во согласност со Деловникот, објаснуваат од кабинетот од каде додаваат дека укажувањата биле проследени до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Видете и ова: Нови зелени ветувања за градот што секојдневно се гуши

Комисијата пак, го разгледала предметот и на 17 февруари заклучила дека не се почитувани процедуралните правила.

-Следствено, на 19 февруари, претседателот го информираше Апасиев дека закажаната расправа не може да продолжи под тие околности, се наведува во писмениот одговор од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Апасиев: Гаши да не ја опструира надзорната расправа за аерозагадувањето

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, пратеникот на Левица, Димитар Апасиев вчера (18 февруари) на прес-конференција обвини дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ прават опструкции и саботажи за надзорната расправа за аерозагадувањето.

Од претседателот на Собранието Африм Гаши побара да не го зема предвид мислењето на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања и да не го опструира процесот, бидејќи ќе се соочи со правни постапки.

Апасиев објасни дека добил допис од Гаши дека дваесет пратеници од опозицијата од него побарале да свика надзорна расправа за аерозагадувањето, што било негова деловничка должност така да постапи.

Тој рече дека Постојаната анкетна комисија веќе е во „неповратен“ процес на канење на четириесет гости меѓу кои премиерот и двајца министри, единаесет претставници на јавни органи, шест градоначалници, четири експерти и професори, осум екоактивисти, четири истражувачи новинари и тројца од приватен сектор.

Барање за одржување надзорна расправа испратија и 61 пратеник од владејачкото мнозинство во Собранието откако Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања донесе мислење. Како што вчера на прес-конференција изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, надзорна расправа ќе се случи со целосно почитување на одредбите од Деловникот.