Агелер: Внимателно ги следиме случувањата во правосудниот систем

Амбасадорката на САД во РСМ, Ангела Агелер, Скопје, 19 февруари 2025 година

Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека Соединетите Држави внимателно ги следат случувањата во правосудниот систем, конкретно владниниот предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, но и поднесените интерпелации од страна на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ до Собранието за петмината членови на Судскиот совет, кој се избрани од закондавниот дом и нагласи дека она што сакаат да го видат е дека во сите процеси се почитува законот.

Агелер запрашана за коментар за владиниот предлог за разрешување на Коцевски кусо одговори дека нема коментар, но дека го следат процесот одблиску.

„Немам коментар, запознаена сум и го следиме процесот, според моите сознанија во тек е процесот согласно законските процедури и одблиску го следиме“, одговори кусо Агелер, по примопредавање на мобилно оперативно возило за Црвен крст.

Во врска со случувањата во Судскиот совет исто така не навлегуваше во детали и само кусо одговори дека одблиску го следат и тој процес.

„Одблиску го следиме и тој процес. Очигледно со години посочуваме во однос на Судскиот совет, но и за други аспекти на правосудниот систем, постојат законски процедури и според моите сознанија тој процес е во тек и одблиску ги следиме состојбите и сакаме да видиме дека законот се почитува“, одговори американската амбасадорка.

Владата на вчерашната седница, го разгледала мислењето од Министерство за правда и го задолжила ресорното Министерство да достави предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител пред истекот на неговиот мандат, кој потоа, како што вчера на прес-конференцијата портпаролката на Владата Марија Митева, ќе биде доставен до Советот на јавните обвинители.

Видете и ова: Владата го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на Коцевски

Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски вчера изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители. Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.

Во меѓувреме, пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ до Собранието поднесоа поединечни интерпелации за членовите на Судскиот совет Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми. Претседателот законодавниот дом Африм Гаши, според Деловникот, треба да ги достави до нив и во рок од десет дена да добие одговор дали тие ќе се изјаснат за содржаните наводи.

Видете и ова: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет

Откако ќе помине овој рок без разлика дали членовите на Советот, кои се избрани од Собранието, ќе сакаат да се изјаснат или не, Гаши ќе може да ја закаже седницата на која ќе се расправа за интерпелациите. Согласно овие рокови, очекувањата се дека седницата на која ќе се расправа за интерпелациите би била до или на почетокот на март.