Високи американски и руски претставници, вклучително и министрите за надворешни работи на двете земји, денеска ќе разговараат за подобрување на билатералните односи и преговори за ставање крај на војната во Украина. Тоа ќе биде најзначајната средба меѓу САД и Русија од целосната инвазија на руските трупи во соседната земја пред речиси три години.
Разговорите во Саудиска Арабија означуваат уште еден важен чекор на администрацијата на Трамп за промена на американската политика на изолација на Русија и имаат за цел да го отворат патот за средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, јавија светските агенции.
Франција синоќа (17 февруари) свика итен состанок на земјите од Европската Унија и Велика Британија за да одлучат како треба да реагираат Европејците.
Видете и ова: Шолц: ЕУ и САД не смеат да се поделат во мировните преговори за УкраинаРускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Путин за надворешни работи Јуриј Ушаков вчера пристигнаа во главниот град на Саудиска Арабија. Ушаков рече дека разговорите ќе бидат „чисто билатерални“ и нема да вклучуваат украински претставници.
Според него, делегацијата на САД е составена од „сериозни луѓе“, но наведе дека Русија „исто така дојде со сериозен пристап“.
„Важно е да се започне вистинска нормализација на односите меѓу Русија и САД“, рече тој.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе се сретнат со руската делегација, изјави портпаролката на Стејт департментот Тами Брус.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека разговорите ќе бидат насочени првенствено кон „обновување на целиот спектар на руско-американски односи, како и подготовка за можни преговори за украинското решение и организирање средба на двајцата претседатели“.