Американски претставници во Саудиска Арабија на мировни преговори меѓу Русија и Украина

Стив Виткоф и Мајкл Валц зборуваат со новинарите во Белата куќа во Вашингтон

Aмериканскиот претседател Доналд Трамп испрати висок дипломатски тим во Саудиска Арабија за да започне преговори со Русија и Украина со цел да се стави крај на речиси 3-годишната војна, изјавија американски официјални лица за повеќе медиуми.

Американските власти на 15 февруари им рекоа на новинарите дека државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност на Белата куќа Мајк Волц и преговарачот за Блискиот Исток Стив Виткоф ќе учествуваат во разговорите.

Кит Келог, пратеникот на Трамп за Украина и Русија, не се очекува да биде на разговорите, според извештаите на медиумите кои се повикуваат на американски официјални претставници.

Украински официјален претставник изјави за „Политико“ дека засега нема планови за испраќање делегација во Саудиска Арабија. Американските власти, им рекоа на новинарите дека нема планови за вклучување на претставници од други сојузници во разговорите.

Видете и ова: Зеленски во Минхен повика на создавање „вооружени сили на Европа“

Одделно, шефицата за надворешна политика на ЕУ Каја Калас повика на состанок на министерот за надворешни работи на блокот на кој ќе се разговара за Украина во Минхен утрото на 16 февруари, што ќе се одржи на маргините на Минхенската безбедносна конференција во Германија.

Новинската агенција Ројтерс, во меѓувреме, цитираше четворица европски дипломати кои рекоа дека Франција сака да организира неформален самит на лидерите на ЕУ на кој ќе се разговара за Украина уште на 17 февруари. Не се откриени дополнителни детали за овој план.

Американските власти не дадоа детали или специфики за тоа кога ќе се одржат саудиските состаноци. Рубио пристигна во Израел доцна на 15 февруари, откако замина од конференцијата во Минхен.

Информацијата за мировни разговори во Саудиска Арабија доаѓа додека во Минхен се водат големи дискусии за војната, која чинеше илјадници животи и предизвика уништување милијарди долари.

Келог предизвика возбуда кај европската јавност со коментарот дека Европа можеби нема да биде „на маса“ доколку САД посредуваат во преговорите за ставање крај на руската војна против Украина.

Говорејќи на панелот за ручек на конференцијата на 15 февруари, Келог посочи дека Вашингтон има за цел да постигне значителен напредок во рок од неколку недели.

Неговите коментари доаѓаат во услови на загриженост во Киев и во ЕУ дека тие би можеле да бидат тргнати настрана од преговорите откако Трамп разговараше со рускиот претседател Владимир Путин оваа недела и рече дека Москва и Вашингтон веднаш ќе започнат преговори.

„Треба да ги донесете сојузниците со вас. Дали тие ќе имаат улога? Се разбира дека имаат. Не можете да го направите тоа со исклучување на никого“, рече тој.

На прашањето дали може да ја увери публиката дека „Украинците ќе бидат на масата, а Европејците ќе бидат на маса“, сепак, Келог одговори: „О, добро, штотуку ја променивте целата динамика“.

„Одговорот на последното прашање...е не“, рече тој, очигледно мислејќи на Европа. „Одговорот на претходниот дел од тоа прашање е да,се разбира дека Украинците ќе бидат таму“.

Американскиот Стејт департмент на 15 февруари соопшти дека секретарот на Рубио телефонски разговарал со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно истиот ден.

Рубио разговараше со Лавров „како продолжение на разговорот на претседателот Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин претходно оваа недела“, се вели во краткото соопштение од Стејт Департментот.