Нема договор за ретките минерали по американско-украинските разговори во Минхен

Американско-украински разговори на Минхенската безбедносна конференција

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одби да потпише договор со кој на САД би им се доделиле 50 отсто од сите идни резерви на ретки метали во Украина, јавуваат новинските агенции по состанокот меѓу Зеленски и американските лидери на Минхенската безбедносна конференција на 14 февруари.

Зеленски „учтиво одби“ кога членовите на американскиот Конгрес го предложија договорот, објави Вашингтон пост.

Зеленски и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на конференцијата разговараше и за договорот за минералите, но нивната средба заврши без детали за разговорите околу таа тема.

„Нашите тимови ќе продолжат да работат на документот. Подготвени сме да се движиме што е можно побрзо кон вистински и гарантиран мир. Длабоко ја цениме решителноста на претседателот (Доналд) Трамп, кој може да помогне да се запре војната и да се обезбедат правда и безбедносни гаранции за Украина“, напиша Зеленски на социјалната платформа Х.

Видете и ова: Зеленски во Минхен повика на создавање „вооружени сили на Европа“


Трамп минатата недела рече дека сака Украина да ги снабдува САД со минерали од ретки земји како начин на плаќање за американската финансиска поддршка.

„Сакаме да склучиме договор со Украина каде што тие ќе го обезбедат она што им го даваме со нивните ретки метали и други работи“, рече Трамп на 3 февруари во Белата куќа, зборувајќи за тоа како неговата администрација има намера да го исполни своето предизборно ветување за брзо завршување на војната во Украина.

Десетици ретки минерали се сметаат за клучни за американската економија и националната одбрана, а Украина има големи резерви на многу од нив.

Зеленски на 4 февруари рече дека Украина ќе биде „отворена за фактот дека сето ова може да го развиваме заедно, заедно со нашите партнери кои можат да ни помогнат да ги заштитиме нашите земји“.

На нивниот состанок во Минхен, Украина ѝ даде на американската делегација ревидиран договор за ретките метали поради загриженоста во Киев за американската верзија на договорот што и беше претставен на Украина на 12 февруари.

Според Украина, со ревидиран нацрт-договор може да ги отвори своите огромни ресурси на клучни минерали за американските инвестиции.

Двајца членови на украинската делегација изјавија за Ројтерс дека „некои детали“ допрва треба да се разработат. Веднаш не беше јасно кои се клучните проблеми.

Американската верзија на нацртот беше претставена од министерот за финансии Скот Бесент, кој отпатува за Киев претходно оваа недела со цел да се постигне договор во Минхен.

Кабинетот на Зеленски по разговорите соопшти дека Украина и САД „се договориле да продолжат да работат на развивање документ за економска соработка меѓу двете земји“.

Во соопштението, исто така, се повторува барањето на Украина за „вистински безбедносни гаранции“.