Мицкоски на средба со претседавачот на Минхенската безбедносна конференција Хојзген

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на средба со претседавачот на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојзген

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска во Минхен имаше состанок со Кристоф Хојзген, претседавач со Минхенска безбедносна конференција. Главна тема на средбата биле актуелните безбедносни предизвици во Европа и регионот и можностите за зајакнување на меѓународната соработка во доменот на безбедноста и стабилноста, информираат од владината прес служба.

Како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски ја истакнал заложбата за унапредување на стратешкото партнерство со сојузниците од НАТО и потребата за напредок на патот кон Европската унија, како и за активната улога на земјата во регионалната безбедносна архитектура.

Видете и ова: Зеленски во Минхен повика на создавање „вооружени сили на Европа“


Тој нагласил дека стабилноста на Западен Балкан е клучна за европската безбедност и ќе продолжи да работи на продлабочување на билатералните и мултилатералните односи во оваа област.

Според владиното соопштение, и двете страни се согласиле дека соработката е клучна за справување со глобалните предизвици и дека иднината на регионот е во одржлив развој, економски просперитет и сигурност за сите граѓани.

Претходно Мицковски на маргините на Минхенската конференција се сретна и со неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ.