На Украина ќе и биде „многу, многу тешко“ да преживее без американска воена поддршка за да се одбрани од руската инвазија. Ова го изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју емитувано ноќта пред тој да се обрати на Минхенската безбедносна конференција.
„Веројатно ќе биде многу, многу, многу тешко. И, се разбира, знаете во сите тешки ситуации, имате шанса. Но, ќе имаме мали шанси - мали шанси да преживееме без поддршка од Соединетите Држави,“ изјави тој за американската телевизија Ен-Би-Си (NBC News).
Зеленски додаде дека Украина го зголемила своето воено производство, но не доволно за да го надомести она што би го изгубила доколку ја нема поддршката од САД.
Зеленски на 14 февруари учествуваше на состаноците и брифинзи за медиуми на Минхенската безбедносна конференција. Тој посочи дека се зголемуваат напорите да се бара решение за војната.
Украинскиот претседател треба да одржи говор за дипломатијата и перспективите за иднината на Украина на конференцијата на 15 февруари.
Видете и ова: САД имаат за цел „траен мир“ во Украина, Зеленски бара безбедносни гаранции
Тој ќе биде во центарот на вниманието по средбата со највисоките американски претставници, вклучително и потпретседателот Џеј Ди Венс, кој во својот говор на конференцијата на 14 февруари ја истакна потребата за „траен, траен мир“ во Украина.
Зеленски коментирајќи го ставот на Венс посочи дека Украина сака „безбедносни гаранции“ од Вашингтон пред какви било преговори со Русија за завршување на речиси тригодишната војна. Тој во интервјуто рече дека не сака да размислува Украина да не биде стратешки партнер на Соединетите Држави бидејќи тоа ќе го наруши украинскиот морал, но додаде: „Мораме да размислиме за тоа“.
Соединетите Држави испратија мешани сигнали за својата стратегија, што предизвика загриженост во Киев дека Украина може да биде принудена на лош договор што ќе го остави Путин охрабрен.
Претходно неделава, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, по средбата со министрите за одбрана на НАТО истакна дека е „нереално“ да се очекува украинските граници да се вратат на нивните позиции од пред 2014 година и додека дека Белата куќа, не го гледа членството на Украина во НАТО како дел од решението за конфликтот.
Украина бара Русија да се повлече од заземената територија и вели дека мора да добие членство во НАТО или еквивалентни безбедносни гаранции за да ја спречи Москва повторно да нападне.
Два дена пред одржувањето на Минхенската конвенција, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека имал „долг и високо продуктивен“ телефонски разговор со Путин и рече дека се согласиле нивните тимови веднаш да започнат преговори.
Зеленски во интервјуто повтори дека нема да прифати никакви договори без учество на Украина во преговорите. Според него, желбата на Путин да седне на преговарачката маса не е за да ја прекине војната, туку за да постигне договор со кој ќе се прекине огнот и ќе се укинат некои санкции кон Москва, додека таа си купува време за прегрупирање на војската.
„Ова е навистина она што тој го сака. Тој сака пауза, подготовка, обука, симнување на некои санкции поради прекинот на огнот“, рече Зеленски.
Русија ја почна целосната инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.