САД имаат за цел „траен мир“ во Украина, Зеленски бара безбедносни гаранции

Германија - Аамериканскиот потпретседател Џеј Ди Венс, државниот секретар на САД, Марко Рубио и украинскиот претседател Володимир Зеленски, на средба на маргините на Минхенската безбедносна конференција, Минхен, 14 февруари 2025.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се заложи Киев, Европа и Соединетите Американски Држави (САД) да работат заедно на планот за ставање крај на инвазијата што рускиот претседател Владимир Путин ја почна против Украина пред три години.

„Ќе се сретнам со Русите - само еден Русин, со Путин - само откако ќе имаме заеднички план со Трамп (американскиот претседател Доналд Трамп) и Европа“, рече Зеленски по средбата со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на маргините на Минхенската безбедносна конференција на 14 февруари.

Зеленски рече дека Киев е многу подготвен да работи на ставање крај на руската војна против Украина, но нагласи дека „потребни се вистински безбедносни гаранции“.

Видете и ова: Дали Минхенската безбедносна конференција ќе биде почеток на крајот на војната во Украина?


Американскиот потпретседател рече дека САД се насочени кон „траен мир“ во Украина.

„Сакаме војната да заврши, сакаме убиствата да запрат, но сакаме да постигнеме траен, траен мир, а не таков мир што ќе ја доведе Источна Европа во конфликт само неколку години подоцна“, изјави Венс, пренесе АФП.

Конференцијата во Минхен апочна во услови на интензивни шпекулации за тоа дали може да доведе до дипломатски пробив што би можел да го постави курсот за ставање крај на најголемата војна во Европа од 1945 година.

Немаше знаци за присуство на Русија на конференцијата, а Зеленски ги минимизираше шансите за голем напредок, велејќи дека немало мировни преговори во Минхен и ги отфрли шпекулациите дека ќе се сретне со руските преговарачи во Саудиска Арабија следната недела.

Трамп ден претходно рече дека американските и руските претставници ќе се сретнат во петок во Минхен и дека Украина е поканета.

Видете и ова: Венс ја предупреди Европа за слободниот говор и „непроверената“ имиграција

Од американска страна, покрај Венс, на средбата беа и државниот секретар на САД, Марко Рубио и Кит Келог, специјален пратеник на претседателот Доналд Трамп за војната во Украина.

Претходно оваа недела, Трамп телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и најави дека разговорите со Москва за прекин на борбите во Украина ќе почнат „веднаш“.

Новинската агенција Ројтерс објави дека ова е прв познат директен контакт меѓу Путин и американскиот претседател од пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Разговорите дојдоа во време кога се приближува третата годишнина од руската инвазија во Украина,, на крајот на овој месец.