24-годишен Авганистанец осомничен за намерно влетување кон група луѓе во Минхен

Аавтомобил влета во толпа луѓе во Минхен. 13 февруари 2025.

Неколку часа по инцидентот, 24-годишен авганистански државјанин е осомничен дека со автомобилот влетал во луѓе во Минхен при што повредил 28 од нив. Полицијата на 13 февруари соопшти дека некои од нив се тешко повредени, при што дел се во критична состојба.

Автомобилот пред да удри во луѓето се приближил до полициските возила на местото на настанот и потоа забрзал накај луѓето, соопшти полицијата.

Премиерот на Баварија, регионот во кој се наоѓа Минхен, рече дека сообраќајната несреќа се третира како „можен напад“.

„Нападот покажува дека треба да промениме нешто во Германија – и тоа брзо“, рече премиерот Маркус Седер.

Министерот за внатрешни работи на регионот рече дека осомничениот ѝ бил познат на полицијата во врска со инциденти со дрога и кражби.

Видете и ова: Неколкумина повредени откако автомобил влетал во луѓе во Минхен

Се верува дека инцидентот не е поврзан со Минхенската безбедносна конференција, која започнува во петок, а на која
ќе присуствува и американскиот потпретседател Џ. Венс и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во близина на централната железничка станица во тек е голема полициска акција.

Полицијата на мрежата Х наведе дека успеала да го приведе возачот и дека не верува дека тој претставува дополнителна закана.

Во инцидентот се чини дека се повредени луѓе кои учествувале во протести поврзани со штрајкот организиран од синдикатот на Верди, објави локалниот медиум БР.