Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека имал „долг и многу продуктивен“ телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин.
„Разговаравме за Украина, Блискиот Исток, енергијата, вештачката интелигенција, моќта на доларот и разни други теми“, рече Трамп во објава на неговата социјална мрежа Вистина.
„Договоривме тесна соработка, вклучително и меѓудржавни посети. Исто така, се согласивме нашите тимови веднаш да почнат со преговори, а ќе почнеме така што ќе го повикаме украинскиот претседател Зеленски за да го известиме за разговорот, а тоа ќе го направам токму сега“, стои во објавата на Трамп.
Кремљ објави дека Русија е подготвена да прими американски претставници на разговори за Украина.
Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, Трамп „изразил поддршка за итен прекин на непријателствата и мирно решавање на проблемот“.
„Претседателот Путин, од своја страна, ја спомена потребата да се елиминираат причините за конфликтот и се согласи со Трамп дека долгорочно решение може да се постигне со мирни преговори“, рече Песков.
Песков рече дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва и дека Русија е подготвена да прими американски претставници на разговори.
Засега нема коментар од кабинетот на Зеленски.
Видете и ова: Американскиот наставник Марк Фогел ослободен од руски затвор во „размена“Американскиот претседател додава и дека задолжил тим предводен од државниот секретар Марко Рубио да ги води преговорите.
„Сакам да му се заблагодарам на претседателот Путин за неговото време и труд за време на овој повик, како и за вчерашното ослободување на Марк Фогел, прекрасен човек кој лично го пречекав во Белата куќа синоќа. Верувам дека овој напор ќе доведе до успешен крај, се надевам наскоро!“, заклучи Трамп.
Трамп и Путин разговарале речиси час и половина, изјави портпаролот на Кремљ, според извештајот на државната новинска агенција ТАСС.
Новинската агенција Ројтерс објави дека ова е прв познат директен контакт меѓу Путин и американскиот претседател од пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Разговорите доаѓаат во време кога се приближува третата годишнина од инвазијата, на крајот на овој месец, а дипломатијата се интензивира во пресрет на Минхенската безбедносна конференција од 14-16 февруари, на која Зеленски и високи американски претставници планираат да присуствуваат.
Во Киев, Зеленски се состана со американскиот секретар за финансии Скот Бесент за да разговара за потенцијалниот договор за критичните минерали во Украина и рече дека се надева оти двете земји ќе постигнат договор за ова прашање на конференцијата во Минхен.
Зеленски зборуваше на заедничката прес-конференција со Бесент, кој му го претстави првичниот нацрт на договорот за време на состанокот и рече дека договорот за минерали може да и обезбеди на Украина „безбедносен штит“ по завршувањето на војната со Русија.
Трамп рече дека САД сакаат пристап до ретките минерали во Украина. Зеленски истакна дека силните западни безбедносни гаранции за Украина, со учество на Соединетите држави, се клучни за секој договор за прекин на војната.
Бесент рече дека неговата посета покажува дека администрацијата на Трамп е решена да стави крај на војната и дека САД стојат со Украина против руската агресија.