Американскиот наставник Марк Фогел ослободен од руски затвор во „размена“

Марк Фогел беше уапсен во 2021 година.

Американскиот наставник, Марк Фогел кој служеше 14-годишна затворска казна во Русија за поседување марихуана беше ослободен во размена, соопшти Белата куќа денеска (11 февруари).

Руската полиција го уапси Фогел во 2021-та година, по доаѓањето во Москва поради поседување медицинска марихуана за која тој тврдеше дека му е препишана по операција на грбот.

Фогел, кој предаваше во Англо-американско училиште во руската престолнина, не беше вклучен во претходните размени на затвореници помеѓу САД и Русија - пренесе редакцијата на РСЕ на англиски јазик.


„Денес, претседателот Доналд Трамп и неговиот специјален пратеник Стив Виткоф можат да објават дека г-дин Виткоф го напушта рускиот воздушен простор со Марк Фогел", се вели во соопштението.

Видете и ова: Трамп ќе предложи прекин на примирјето во Газа, ако заложниците не бидат ослободени до сабота


„Претседателот Трамп, Стив Витоф и советниците на претседателот преговараа за размена која служи како покажување на добра волја од страна на рускиот народ и знак дека се движиме во правилната насока за да се стави крај на бруталната и ужасна војна во Украина", се додава во соопштението.

Белата куќа не наведе кого го ослободила во замена за Фогел.

Во август 2024 година, Русија, САД и неколку други земји ја извршија најголемата размена на затвореници од крајот на Студената војна, ослободувајќи 16 луѓе, вклучувајќи ја и новинарката на Радио Слободна Европа, Алса Курмашева.

Меѓу ослободените беше и новинарот на Вол Стрит Џурнал (Wall Street Journal) Иван Гершкович и извршниот директор за корпоративна безбедност, Пол Вилан.

Осум Руси беа испратени дома.