Неколку стотици граѓани протестираа денеска (9 февруари) во Зеница, во централниот дел на Босна и Херцеговина (БиХ), незадоволни од моменталната состојба на општеството и зголемувањето на цените.
Собирот започна напладне со едноминутно молчење за да им се оддаде почит на загинатите во катастрофалните поплави што ја погодија Јабланица, во јужна БиХ, пред четири месеци. На 4 октомври, поројните дождови предизвикаа карпеста лавина во која загинаа 19 лица во Долна Јабланица, а многу семејства останаа без покрив над главата.
Видете и ова: Жителите на погодените области во БиХ ги санираат штетите, но и траумитеВо тој контекст беа побарани транспарентни извештаи за трошењето на парите во Јабланица и „објаснување зошто толку долго се чекаше“ за да се обезбеди помош за погоденото подрачје.
Граѓаните поминаа и покрај седиштето на Владата на Зеничко-добојскиот кантон, еден од десетте кантони во ентитетот на Федерацијата БиХ.
„Конкретната цел на протестната прошетка, прва во низата, е ние граѓаните да го изразиме нашето незадоволство од ова ненормално поскапување и самата инфлација и можеби да ги поттикнеме и другите градови да го сторат истото. Она што е многу важно да се нагласи е дека протестите се аполитични“, соопштија од неформалната граѓанска група „Зеничани на улица“, која ги организираше протестите.
Дел од граѓаните на протест во Зеница, 9.2.2025 година
Како клучни барања на протестот наречен „Зеница се буди!“ беа претставени усвојувањето на итни мерки за борба против инфлацијата, намалување на даночните оптоварувања на трудот и ограничување на растот на платите во јавните институции.
Се бара транспарентност во трошењето на буџетските средства, зголемување на пензиите, како и мерки против врсничкото насилство.