Нови блокади низ Србија на 100 дена од несреќата во Нови Сад

Студентка која е дел од блокадата на белградскиот мост Газела, 9 февруари 2025 година

На стотиот ден од уривањето на настрешница во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени, голем број студенти во знак на протест го блокираа мостот Газела во Белград, една од најважните сообраќајни точки во главниот град.

Денеска (9 февруари) студентите од белградскиот Земјоделски факултет повикаа на неколкучасовна блокада на мостот, кој е дел од меѓународен автопат.

„Поминаа 100 дена од трагедијата во Нови Сад, а за 15-те изгубени животи се уште никој не одговара. Инсистираме надлежните институции да понесат одговорност“, објавија студентите на Земјоделскиот факултет на својот профил на Инстаграм.

Сообраќајот е блокиран на двете коловозни ленти, а трактори се паркирани на средина на мостот. Во блокадата на Газела на студентите им се придружија голем број граѓани, а како што јавува репортерот на Радио Слободна Европа (РСЕ), тие во мали групи им се придружуваат на студентите од другата страна на мостот, носејќи транспарент на кој пишува „Од оваа страна на реката градот е наш“.

Во 11:52 часот, што го симболизира моментот на уривање на настрешницата, на мостот започна 15-минутно молчење, пред кое беа прочитани имињата на починатите.

„Одговорност сè уште нема, немаме информации кој е одговорен за тоа што се случи, нашите барања не се исполнети и затоа сме сега овде“, вели во изјава за РСЕ Ивана Илиќ, една од студентите кои учествуваа во блокадата.

Студентите во придружба на неколку трактори тргнаа од Земјоделскиот факултет во Земун кон мостот Газела. Трасата на учесниците на протестот од Земјоделскиот факултет до мостот Газела беше обезбедена од сообраќајна полиција.

Репортерката на РСЕ пренесе дека студентите на чело на колоната носат транспаренти со имињата на загинатите во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.

Трактори предводат колона студенти кон белградскиот мост Газела, студентите носат транспаренти со имињата на 15-те лица загинати во несреќата, 9 февруари 2025 година.

Блокада на три раскрсници во Нови Сад

И во Нови Сад се одбележуваат 100 дена од несреќата, со блокирање на три главни раскрсници на влезот во градот.

Како што јавува репортерот на РСЕ, патиштата се блокирани со трактори, а дел од толпата се студенти, земјоделци, моторциклисти и други граѓани.

Блокада на една од раскрсниците во Нови Сад, 9 февруари 2025 година.

Блокада на патарина на излезот од Ниш

Студенти од Универзитетот во Ниш во јужна Србија и голем број граѓани денеска ја блокираа патарината на излезот од Ниш.

Како што јави репортерот на РСЕ, две групи студенти и граѓани се упатија кон наплатната рампа во протестна прошетка и во еден момент се споија.

Насобраните носеа транспаренти, меѓу кои и еден на кој пишуваше: „Нека се бакнуваат северот и југот“.

Студентите кои ги блокираа нишките факултети поставија своевиден камп во близина на наплатната рампа, каде, како што наведоа, планираат да останат до вечер.

Блокада на патарината на излезот од Ниш, 9 февруари 2025 година.

Студенти од Крагуевац во штафетна трка до Белград

Пет студенти од Универзитетот во Крагуевац утрoво (9 февруари) тргнаа кон Белград на штафетен маратон, за да достават покани до своите колеги од Нови Сад, Ниш и Белград за протестот најавен за државниот празник Сретење, 15-ти февруари, во Крагуевац, во централна Србија.

Како што јави репортерот на РСЕ, студентите, учесниците во штафетата - четворица млади момчиња и една девојка, во Крагуевац беа пречекани со овации од студенти, професори и голем број граѓани.

Пет студенти од Универзитетот во Крагуевац во пресрет на стартот на штафетниот маратон до Белград, 9 февруари 2025 година.

Најавено е дека учениците ќе бидат обезбедувани со два полициски автомобили по целата траса од 115 километри на автопатот Крагуевац-Белград, а ќе бидат придружувани од екипа на брза помош и возило за логистика.

Маратонците треба да ја истрчаат патеката за 13 часа, а вечерва (9 февруари) се очекува да пристигнат на платото пред храмот Свети Сава во Белград.

Несреќата во Нови Сад предизвика бран протести низ Србија.

Во изминатите два месеци протестите ги предводеа студентите кои блокираа повеќе од 60 универзитети во земјава, барајќи кривична и политичка одговорност за несреќата од страна на властите. Во блокадата им се придружија и голем број средни училишта.

Барањата на студентите ги поддржаа нивните професори, просветни работници, адвокати, земјоделци, актери и други граѓани.

Владата на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети.

Видете и ова: Во Србија нема да има шарена револуција, порача Вучиќ

Студентите во блокадата порачаа дека Вучиќ не е надлежен за исполнување на нивните барања, дека тие не се исполнети и дека продолжуваат со протестите.

На 30 декември, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинителен акт против 13 лица, поради сомнение за невнимание при реконструкцијата на настрешницата.

Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Железничка инфраструктура на Србија“, Јелена Танасковиќ.

Десет обвинети се во притвор, Весиќ е во бегство, а Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.

На 3 февруари Вишото јавно обвинителство во Нови Сад објави дека истражува дали имало корупција при реконструкцијата на Железничката станица.