Велика Британија ја именуваше дипломатката Карен Пирс за специјален пратеник за Западен Балкан

Карен Пирс

Велика Британија ја назначи дипломатката Карен Пирс за специјален британски пратеник за Западен Балкан, објави британската влада на својата веб страница денеска (7 февруари).

Пирс ќе го замени Стјуарт Пич на таа позиција, а должноста ќе ја преземе напролет. Се наведува дека Пирс е еден од најискусните британски дипломати задолжен за унапредување на стратешките цели на Велика Британија низ регионот, вклучително и подготовките за самитот со лидерите од Западен Балкан и другите европски лидери, познат како Берлински процес, чиј домаќин ќе биде Велика Британија оваа есен.

„Самитот ќе ја поттикне соработката со партнерите од Западен Балкан за справување со нерегуларната миграција по клучните транзитни рути“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Кос: Најмалку една земја кандидат ќе стигне до „финишот“ во следните пет години

Пред да биде британски амбасадор во САД, Карен Пирс беше постојан претставник на Велика Британија во Обединетите нации во Њујорк.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Леми рече дека Западен Балкан има долгогодишно значење за Велика Британија, како и дека тој регион е од суштинска важност за борбата против илегалната миграција и трговијата со луѓе.