Додик ќе нареди истрага за работата на УСАИД во Република Српска

Босна и Херцеговина -- Милорад Додик, претседател на Република Српска, за време на прес-конференција, Бања Лука, 25 јануари 2025 година

Милорад Додик, претседателот на ентитетот Република Српска денеска (7 февруари) најави дека ќе издаде наредба за полицијата да отпочне истрага за работата на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

На денешната прес конференција во Бања Лука тој прецизираше дека ќе побара список со 40.000 имиња на организации и поединци, кои како што наведе, биле финансирани од УСАИД изминатите години. Тој го поздрави потегот на американската администрација на Доналд Трамп да ја нарече УСАИД „криминална организација", поради што верува дека работата на оваа агенција во Босна и Херцеговина треба темелно да се испита.

„Ако има истрага во Америка, тогаш треба да има истрага овде, и во Република Српска и на ниво на Босна и Херцеговина", рече Додик.

Тој ја обвини УСАИД за иницирање на употребата на „технологија која се користи за лажирање на избори" во Босна и Херцеговина и дека за време на мандатот на американскиот амбасадор Мајкл Марфи во заминување, агенцијата потрошила 402 милиони долари за „финансирање на црните операции насочени кон дестабилизирање на БиХ".

Додик, исто така, ја обвини УСАИД за користење средства за „купување на медиуми, невладини организации и политички структури во Република Српска и Босна и Херцеговина".

Видете и ова: Законот за „странски агенти" повторно во Собранието на Република Српска

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува за спојување на УСАИД со Стејт департментот во рамките на големата реорганизација за намалување на бројот на вработени, усогласувајќи ги трошоците со политиката на Трамп „Америка на прво место".

Трамп му го довери надгледувањето на овој проект на Илон Маск, милијардерот кој ја води неговата иницијатива за намалување на федералната влада.

На 5 февруари, администрацијата на Трамп нареди речиси сите вработени на УСАИД да бидат пратени на административно отсуство како дел од напорите за драстично намалување на администрацијата.

Еден ден претходно, демократските членови на Конгресот го оспорија обидот на администрацијата на Трамп да ја спои УСАИД со Стејт департментот, што ќе го стави во прашање финансирањето на програмите за помош низ светот.

Законодавците ја критикуваа иницијативата на Трамп, нарекувајќи ја „нелегален маневар" од страна на Илон Маск, извршниот директор на Тесла и СпејсЕкс, кому претседателот Доналд Трамп му ја довери задачата за намалување на владата.