Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која се воведуваат санкции за претставници на Меѓународниот кривичен суд за отворање истраги насочени кон САД и Израел.
Како што јави АФП, во наредбата на Трамп се наведува дека судот во Хаг „се ангажирал во нелегитимни и неосновани акции насочени против Америка и нашиот близок сојузник Израел“.
Во извршната наредба, потпишана од Трамп на 6 февруари, се наведува дека овие акции „поставуваат опасен преседан, директно загрозувајќи го сегашниот и поранешниот американски персонал“, вклучително и членовите на американската војска.
Наредбата се однесува на налогот за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за неговите постапки против Палестинците во Газа и неодамнешните судски дејствија кои ги загрозуваат членовите на американската војска.
Видете и ова: Судот во Хаг бара апсење на Нетанјаху и воениот лидер на Хамас, ДеифУказот беше потпишан откако Нетанјаху го посети Трамп во Белата куќа на 4 февруари. Во него се наведува дека ниту САД, ниту Израел не се членови на судот.
Наредбата на Трамп наметнува санкции, вклучително и забрана на функционери, вработени и членови на семејствата на Меѓународниот кривичен суд да влезат во САД и замрзнување на сите средства што ги поседуваат во јурисдикција на САД. Санкциите се применуваат и за сите за кои се смета дека помагале во истрагите на судот.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на 21 ноември за Нетанјаху, поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и воениот лидер на Хамас Мохамед Деиф – за кој Израел тврди дека е мртов.
Потерниците беа издадени за „злосторства против човештвото и воени злосторства извршени најмалку од 8 октомври 2023 година до најмалку 20 мај 2024 година“.
Хамас, прогласен за терористичка организација од страна на Соединетите Држави и Европската Унија, започна напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1200 луѓе, главно израелски државјани, а стотици други беа земени како заложници. Во последователната израелска офанзива чија цел беше неутрализирање на Хамас загинаа десетици илјади луѓе, главно во Појасот Газа.
Во 2020 година, за време на неговата прва администрација, Трамп воведе финансиски санкции и забрана за визи за тогашниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Фату Бенсуда и други високи функционери и персонал. Потегот дојде откако Бенсуда започна истрага за наводите за воени злосторства против американски војници во Авганистан.
Претседателот Џо Бајден ги укина санкциите веднаш по преземањето на функцијата во 2021 година. Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан подоцна всушност ги исклучи САД од истрагата во Авганистан.