Нафтената индустрија на Србија (НИС) испрати официјално барање до Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) за одложување на санкциите, објави на 4 февруари српската министерка за рударство и енергија Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа додава дека од САД било побарано да ги одложат санкциите за минимум 90 дена, а ова барање го поддржале владите на Србија и Унгарија.
На 10 јануари, САД ја ставија НИС на списокот со санкции поради сопственичкиот удел во руската компанија Гаспром Нефт, со цел да ја спречат Русија да ги користи приходите од енергија за војната во Украина.
Руските компании Гаспром Нефт и Газпром имаат мнозински удел во НИС (56,15 отсто), додека Србија поседува речиси една третина од сопственичкиот удел.
„Барањето се однесува на добивање општи или посебни лиценци кои ќе овозможат НИС да го одржува работењето додека се бара прифатливо решение за сопственичката структура и управување, со цел да се осигура дека компанијата, која е регионално и стратешки важна за енергетската стабилност, ќе продолжи да оперира“, наведе Ѓедовиќ Хандановиќ.
Видете и ова: САД ја санкционираа Нафтената индустрија на СрбијаКако што истакна, српската влада го поддржува барањето за издавање ваква лиценца на НИС бидејќи санкциите „ќе ја нарушат способноста на компанијата да ги снабдува граѓаните на Србија со нафта и нафтени деривати“.
„Со оглед на важноста на НИС за српската и регионалната економија, итно бараме OFAC да размисли за итна помош во форма на суспензија на санкциите за минимум 90 дена, додека да се разгледа одржливо решение што ќе доведе до укинување на санкциите“, додава Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа нагласува дека вработените и граѓаните на НИС „немаат причина да се грижат“ и потсетува дека американските власти постојано јасно повторувале дека санкциите не се насочени против Србија и нејзините граѓани.
Властите во Белград преговараат со Вашингтон и Москва за решавање на проблемот и минимизирање на негативните последици за Србија и нејзините граѓани.
Официјални претставници на Соединетите Американски Држави уверуваат дека нема да има економски последици за Србија ако се отстрани руската сопственост на НИС.
Видете и ова: Србија разгледува начини за снабдување со нафта и гас, поради наводните санкции од САДВо 2008 година, Србија без тендер продаде 51 отсто од акциите на НИС на руската државна компанија Гаспром Нефт за 400 милиони евра.
Во мај 2022 година, поради најавените нови санкции на Европската унија, Гаспром Нефт продаде шест отсто од акциите на Гаспром, матичната компанија која сè уште не е под санкции од европскиот блок.
НИС е единствената компанија во Србија која се занимава со истражување, производство и рафинирање нафта, како и производство на природен гас.
Поседува повеќе од 400 бензински пумпи во Србија и земјите од регионот - Босна и Херцеговина, Романија и Бугарија.
Преработката на сурова нафта се врши во Рафинеријата за нафта Панчево, која работи во рамките на системот NIS.