Шведска ја отфрли можноста за саботажа на подводниот кабел во Балтичкото Море

Балтичко море, архивска фотографија

Шведските обвинители на 3 февруари ја отфрлија можноста за саботажа во случајот со оштетувањето на подводниот кабел со оптички влакна во Балтичко море. Тие соопштија дека го ослободуваат бугарскиот брод кој беше запленет поради инцидентот, со образложение дека штетата ја предизвикал случајно.

Шведска го заплени бродот „Вежен“ откако беше откриена штета на оптички кабел помеѓу Шведска и Летонија на дното на Балтичкото Море на 26 јануари.

Инцидентот беше еден од неколкуте кои вклучуваа оштетување на кабли и друга инфраструктура во Балтичко море, во услови на зголемени тензии меѓу Западот и Русија поради војната на Москва во Украина.

„Истрагата во врска со кабелот што пукна помеѓу Шведска и Летонија не го класифицираше тоа како случај на голема саботажа“, соопштија од шведското обвинителство.

Властите посочија дека е донесена одлука „да се укине запленувањето на бродот за кој постоеше сомневање дека е вклучен во прекинувањето на кабелот".

„Утврдено е дека комбинацијата на временските услови и недостатоците во опремата и морнарството придонеле за прекинувањето на кабелот", изјави обвинителот Матс Љунгквист.

Видете и ова: Летонија: Оптички кабел под Балтичко море веројатно е оштетен од „надворешно влијание“

Оштетувањето на кабелот, кој припаѓа на летонскиот државен радио и телевизиски центар, се случи во шведските територијални води на длабочина од најмалку 50 метри.

„Официјално бевме информирани од властите кои ја спроведуваат истрагата во Шведска дека нема причина да веруваме дека нашиот екипаж извршил саботажа или злонамерно дело на бродот“, изјави Александар Калчев, извршен директор на бродскиот оператор Навигација Поморски Булгар (Navibulgar).

Во моментот на инцидентот, бродот носел ѓубриво од Уст-Луга во Русија и се упатил кон Јужна Америка.

Во изјава за АФП, Калчев истакна дека според истрагата, една од котвите на бродот била оштетена и сидрото паднало во морето.

„Бродот може да продолжи да работи со оваа штета во следните три месеци, има дозвола да го стори тоа, но ние ќе се обидеме да застанеме во Данска за да ја поправиме штетата", изјави тој на 3 февруари.

Тензиите околу Балтичкото Море се зголемија од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Серија подводни експлозии ги пукнаа гасоводите кои го пренесуваа рускиот гас во Европа во септември 2022 година, а причината допрва треба да се утврди.

Во октомври 2023 година, подводниот гасовод помеѓу Финска и Естонија беше затворен откако беше оштетен од сидрото на кинески товарен брод. Два телекомуникациски кабли во шведски води биле прекинати на 17-18 ноември минатата година.