Украина го критикува мировниот предлог на САД за прекин на огнот како „пропаднат план“

Последици од ракетниот напад во градот Полтава

Одговарајќи на коментарите на претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија дека двете земји ќе мора да направат отстапки за да се стави крај на речиси тригодишната војна, украинските власти сооштија дека мировниот предлог на Вашингтон засега е „пропаднат план“.

Доцна на 2 февруари, Трамп рече дека преговорите со Украина и Русија се одвиваат „прилично добро“.

„Имаме закажани состаноци и разговори со различни страни, вклучително Украина и Русија. И мислам дека тие разговори всушност се одвиваат доста добро“, додаде тој без да наведе детали.

Неколку часа претходно, специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, предупреди дека двете страни ќе мора да направат отстапки доколку се надеваат дека ќе преговараат за решение за војната.

Видете и ова: Трамп може да ја заврши војната во Украина за неколку месеци, вели неговиот претставник

Украинскиот претседател Володимир Зеленски „веќе навести дека ќе го ублажи својот став за територијата. И (рускиот претседател Владимир) Путин исто така ќе мора да го омекне својот став“, рече Келог.

„Ќе имаме разговори со сите, веројатно во блиска иднина. И тоа е добро за двете страни“, додаде тој.

Зеленски отфрли каков било договор во кој од него ќе се бара да направи територијални отстапки за Русија, која контролира големи делови од југоисточна Украина и полуостровот Крим.

Некои од овие територии беа заземени за време на претходната инвазија во 2014 година, а останатите по целосната руска инвазија во февруари 2022 година.

Како и да е, Украина се соочи со зголемени загуби на бојното поле во последните месеци, што доведе до притисок врз Зеленски да го омекне неговото противење за губење на територија, дури и привремено.

Иднината на американската воена помош е исто така нејасна.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Војната во Украина во 2025 година во услови на промена на политичката клима

Трамп го критикуваше обемот на помошта на претходната администрација за Киев, за која Келог рече дека е 174 милијарди долари.

Русија, исто така, претрпе огромни загуби на бојното поле, а нејзината економија е уништена од воените трошоци и санкциите наметнати од западните земји.

Трамп вети брз крај на војната, но не даде детали за потенцијалните планови.

Келог на 31 јануари рече дека Трамп има „цврста“ стратегија да стави крај на војната во Украина во рок од неколку месеци, исто така без да даде конкретни детали.

Тврдењето на Келог доаѓа во време на тајни разговори и преговори за изнаоѓање начин да се стави крај на речиси тригодишната руска инвазија. Путин, од своја страна, го пофали Трамп и изрази подготвеност за средба. Но, тој, исто така, ја отфрли можноста за разговор со Зеленски, што може да ги искомплицира сите претстојни преговори. Путин го нарече Зеленски „нелегитимен“ претседател бидејќи официјално му истече претседателскиот мандат.