Можно е да се постигне и поголема минимална плата од 450 евра, ако Владата помогне преку социјалните придонеси, велат работодавачите. Тие денеска, пред седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС), изјавија дека секое покачување што ќе го издвојат во износ од 1000 до 9 000 денари треба да биде помогнато во рок од една година од Владата преку социјалните придонеси, а понатаму, со зајакнување на економијата, да има шанси да се исплаќа од нивна страна во целост.
Минималната плата не е точка од дневниот ред на седницата на ЕСС, но, како што нагласија претставниците од Сојузот на синдикатите (ССМ) и од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), ќе се бара отворање и на ова прашање.
Според ССМ, ако работодавачите имаат желба да се зголемат платите на сите вработени во приватниот сектор, треба да се изнајде решение со кое Владата ќе субвенционира дел од придонесите. КСС, пак, ќе предложи формула според која Владата би субвенционирала дел од платите на најсиромашните.
„Предлогот на синдикатите е 27 000 или 450 евра, но ние имаме шанси, ако бидеме поддржани од Владата со социјалните придонеси, тие плати да бидат зголемени за да постигнеме и малку поголем износ на минимална плата во регионот. Тоа значи дека минималецот понатаму би го договарале со колективни договори во секој сектор, но основата на покачувањето секоја година во март да биде согласно утврдената методологија, а со посебни колективни договори со синдикатите да има плус покачување. Тоа се некои решенија кои ние ги предлагаме, синдикатите имаат нешто слично, но најважно е бројот на компании и вработени да останат“, објасни Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија.
Тој напомена и дека наглото покачување на минималната плата е голем товар за микро, малите и средните фирми, особено во занаетчиската дејност.
Видете и ова: Бојкот, кошничка или закон - што ќе ги спаси граѓаните од скапотијата?Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов изјави дека на денешната седница на ЕСС нема точка за зголемување на платите, туку има точка за синдикалната минимална кошничка.
„Веројатно ќе не убедуваат дека добро се живее во Македонија и дека нема потреба од зголемување на платите. Но, цело наше претседателство дојде тука за да побараме прва точка да биде токму потребата од растот на платите во приватниот и јавниот сектор. Имаме наши предлози што ќе ги презентираме пред социјалните партнери. Треба да најдеме начин, ако работодавачите имаат желба да се зголемат платите на сите вработени во приватниот сектор, да се изнајде решение со кое и Владата ќе субвенционира дел од придонесите како зголемување на платите на вработените или ќе бидат ослободени за временски период по кој потоа ќе плаќаат придонеси. Така ќе се елиминира сивата економија во делот на „платата во плико“ или „платата под маса“ која ја чини касата близу 250 милиони евра“, рече претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Тој дополни дека овој месец би требало ЕСС да заседава двапати неделно преку работни групи, за да се разговара за растот на платите.
Видете и ова: Цените ја „згазија“ минималната плата, за повисока ќе се почекаСпоред претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски, мора да им се помогне барем на најсиромашните работници.
„Во последно време се повеќе се зголемуваат цените на мало за основните прехранбени производи што се случува од 2021 - 2022 година. Цените одат се погоре, заеднички треба да најдеме модел како да ги „зауздаме“ да може платите кога се покачуваат да имаат вредност и инфлацијата да биде на стабилно ниво. Секако, ќе се разговара и за минималната плата за која има формула како треба да се зголеми во март. Ние ќе дадеме свои идеи и гледишта за нејзино покачување повеќе од она што е предвидено со Законот, ќе видиме како ќе се одвива дискусијата. Сите заедно сме тука за да видиме како можеме да им помогнеме барем на најсирмоашните работници, околу 20 000, кои земаат минимална плата. Ќе предложиме формула според која Владата би субвенционирала дел од платите на најсиромашните. Имаме некои свои гледишта и идеи како би можела Владата да помогне во овој случај, а да не предизвикаме инфлаторни шокови“, истакна Ралповски.
Седницата на ЕСС е во тек, а по нејзиното завршување се очекува да бидат соопштени ставовите на сите партнери во дијалогот.