Летонија: Оптички кабел под Балтичко море веројатно е оштетен од „надворешно влијание“

Евика Силина, премиерка на Летонија

Подводниот кабел со оптички влакна меѓу Летонија и Шведска беше оштетен во неделата, на 26 јануари, веројатно како резултат на надворешен удар, јави Ројтерс.

Морнарицата на Летонија испратила патролен брод за да го прегледа бродот за кој се сомнева дека е вклучен во предизвикувањето штета на кабелот.

Два други брода во областа исто така беа под истрага, соопшти летонската морнарица.

„Утврдивме дека најверојатно има надворешна штета и дека е таа е значителна , изјави летонската премиерка Евика Силина по вонредната владина седница.

Летонија се координира со НАТО и со земјите од регионот на Балтичкото Море за да се разјаснат околностите, напиша Силина во посебна објава на социјалната мрежа Икс.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека неговата земја тесно соработува со Летонија и со НАТО за ова прашање.

„Шведска ќе придонесе за тековните напори за истрага на сомнителниот инцидент“, напиша Кристерсон на мрежата Икс.

Видете и ова: Германската морнарица ќе се приклучи на дополнителната мисија на НАТО во Балтичко Море

НАТО минатата недела соопшти дека ќе распореди фрегати, патролни авиони и поморски беспилотни летала во Балтичко Море за да помогне во заштита на критичната инфраструктура и да го задржи правото да преземе акција против бродовите за кои постои сомневање дека претставуваат закана за безбедноста.

Воената алијанса презема акција, наречена „Балтичка гарда“, по серијата инциденти во кои беа оштетени енергетски кабли, телекомуникациски врски и гасоводи по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Финската полиција минатиот месец заплени танкер со руска нафта и соопшти дека се сомнева дека бродот го оштетил финско-естонскиот далновод Естлинк 2 и четирите телекомуникациски кабли влечејќи го сидрото на морското дно.

Кабелот што пукна во неделата го поврзува летонскиот град Вентспилс со шведскиот остров Готланд и беше оштетен во ексклузивната економска зона на Шведска, соопшти латвиската морнарица.

Портпаролот на шведската управа за пошта и телекомуникации рече дека е запознаена со ситуацијата, но нема дополнителни коментари.

Шведската морнарица и крајбрежната стража не одговориле веднаш на барањата за коментар на инцидентот.