Клуч на многу врати ширум Србија, во тек е генерален штрајк на повик на студентите

Генерален штрајк на граѓаните и студентите во Србија кои бараат одговорност за несреќата во Нови Сад, 24 јануари 2025 година

Во Србија се одржува генерален штрајк на повик на студентите за блокади. На повикот да се прекине работата на 24 часа се одзваа културни институции, адвокати, некои училишта и неколку стотици приватни компании, а најавени се и протестни маршеви во Белград.

Студентите ги повикаа граѓаните да не одат на работа на 24 јануари, како и да не се занимаваат со никакви набавки или други финансиски трансакции. Повеќе од 200 бизниси претходно потврдија дека ќе ја прекинат работата во знак на солидарност со студентите.

Во еднодневен штрајк е и Републичкиот синдикат на културата. И адвокатите најавија протест пред Претседателството на Србија.

Голем број основни и средни училишта во Србија го продолжија прекинот на наставата што ја започнаа на 20 јануари, придружувајќи се на барањата на учениците.

Низ Србија се одржа акција „15 минути молк“ во чест на загинатите во уривањето на настрешницата на реконструираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.

Протест на студенти и граѓани на генералниот штрајк во Србија, 24 јануари 2025 година

Студентите блокираат повеќе од 60 факултети и два универзитетски кампуси, барајќи и кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица при уривање на настрешница.

Во меѓувреме, пратеничката од опозициската Партија на слободата и правдата Мариника Тепиќ изјави дека полицијата ја запрела и привела неа и уште неколку пратеници и градски советници од Нови Сад кои претходно го блокираа автопатот Нови Сад-Белград во знак на солидарност со барањата на студентите.

Тепиќ на социјалната мрежа Х објави видео во кое вели дека полицијата ги исклучила од автопатот. На видеото се гледаат неколку полициски возила-автомобили и џипови.

Генерален штрајк на студентите и граѓаните во Србија, 24 јануари 2025 година

На посебна снимка што Тепиќ ја испрати до телевизијата N1, може да се види како полицијата товари неколку луѓе во полициско возило.

Тепиќ претходно изјави дека полицијата ги запрела и им се заканувала дека ќе ги однесе до Судот за прекршоци.

„Човекот ни рече дека сепак ќе не стави сите во полициско возило и ќе не однесе до Прекршочен (Суд) на итна постапка. Ни ги тргнаа возилата на страна, не ни дозволуваат да ги исклучиме, има уште многу полицајци овде, а сега доаѓаат со полициска кола да не уапсат“, рече Тепиќ.

Таа додаде дека нема да се повика на пратеничкиот имунитет кој ја штити од кривично гонење.

Организаторите истакнуваат дека ова нема да биде генерален штрајк во вистинска смисла на зборот, но форма на граѓанска непослушност и еден вид солидарен штрајк. Во изминатиот период секој ден во Србија дел од студентите, учениците и граѓаните застануваат по 15 минути на градските сообраќајници, со цел да им оддадат почит на жртвите од падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.