Рокас: Ќе ви помогнеме за реформите, искористете го моментумот за проширување на ЕУ

Микалис Рокас, евроамбасадор на ЕУ во Северна Македонија

Евроамбасадорот во Северна Македонија, Михалис Рокас изјави дека како ЕУ делегација ќе се фокусираат да и помогнат на Северна Македонија да ги испорача реформите за членство во Унијата, истакнувајќи дека постои голем моментум во процесот на проширување што, како што рече, треба да се искористи.

„Во Бугарија има нова Влада, тоа е факт, и ги видовме пораките што се разменија за честитки за новата влада, ние го поздравуваме ова. Од наша страна како ЕУ делегација ќе се фокусираме да и помогнеме на земјата да ги имплементира реформите. Како што кажав, постои голем моментум и голема можност во процесот на проширување, треба да се искористи тој моментум“, рече Рокас, во одговор на новинарско прашање дали по изборот на нова влада во Софија, се очекува Северна Македонија и Бугарија да седнат на маса за решавање на проблемот и дали ЕУ би се нашла во улога на медијатор во тој процес.

Видете и ова: Рокас: Во тек се дипломатски активности за евроинтеграциите на Северна Македонија

Евроамбасадорот Рокас потсети дека постои интензивна дипломатска активност за евроинтеграциите на земјава.

„Премиерот веќе на двапати беше во Брисел во декември, така што има интензивна дипломатска активност во овој момент, меѓутоа, паралелно со овие дипломатски напори за надминување на прашањето со Бугарија нашиот фокус ќе биде да се фокусираме на спроведување и испорака на реформите кои исто така произлегуваат од Реформската агенда која неодамна беше усвоена од вашата Влада“, истакна евроамбасадорот.

Во поглед на очекувањата за Западен Балкан со стапувањето на новата американска администрација, Рокас вели дека секоја иницијатива за унапредување на патот кон ЕУ е добредојдена. Тој не сакаше да ја коментира посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Соединетите Држави, но истакна дека САД се многу важен соработник и партнер на земјата и дека секоја иницијатива што доаѓа од другата страна на Атлантикот, со цел да се напредува во евроинтеграцискиот процес на државата, е повеќе од добредојдена.