Претставничкиот дом на САД го усвои првиот нацрт-закон на новиот американски претседател Доналд Трамп, со кој се бара апсење на илегални имигранти обвинети за кражби и насилни злосторства.
За овој предлог гласаа и голем број демократи, заедно со републиканците. Тој беше усвоен со 263 гласа „за“ и 156 „против“.
Предлог-законот, кој ќе биде проследен до Трамп за потпис и дури тогаш ќе стапи во сила, го носи името на Лејкен Рајли, девојка од Џорџија која минатата година беше убиена од имигрант без документи од Венецуела. Тој беше осуден на доживотен затвор.
Ова се очекува да биде првиот од неколкуте чекори што републиканците планираат да ги преземат за зајакнување на границата и забавување на протокот на имигранти во САД.
Претставничкиот дом го усвои законот со помош на 46 демократи кои гласаа со 217 републиканци. Сенатот претходно го усвои овој предлог-закон, исто така со поддршка на 12 демократи.
Со законот се предвидува апсење на имигранти осомничени за кражба или други прекршоци - дури и ако тие не се обвинети за кривично дело.
Имиграцијата беше центар на изборната кампања на Трамп, а републиканците ја поддржаа неговата тешка агенда за имигрантите.
Видете и ова: Трамп потпиша извршна наредба за запирање на мигрантите за влез преку јужната границаДемократите, кои го поддржаа предлог-законот, велат дека го направиле тоа затоа што и граѓаните што ги претставуваат се загрижени за имиграцијата.
„Американците сакаат да направиме нешто за границата и мислам дека ќе бидеме под голем притисок ако кажеме дека не треба да депортираме криминалци“, рече умерениот демократ Том Суоци, кој гласаше за законот.
Демократската претставничка Илхан Омар, либерал, рече дека „срцето и е скршено“ што толку многу демократи го поддржале законот.
Видете и ова: Трамп: Обнова на Америка и револуција на здравиот разумПит Агилар, кој ја предводи Демократската група во Претставничкиот дом, изјави дека нема отстапување од барањата на демократите за имиграциска реформа, додавајќи дека републиканците се тие кои постојано ги отфрлаат законските предлози за заострување на граничната безбедност и модернизација на регулативите.
Пред една година, сличен предлог-закон помина во Претставничкиот дом со поддршка на 37 демократи, но не успеа да помине во Сенатот, кој тогаш беше под контрола на демократите.